Двајца од тројцата амнестирани пратеници за настаните од април 2017 година, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, не се јавуваа на телефонските повици, по денешното објавување на изречените пресуди. Со исклучок на Игор Дурловски, 16-мината осудени лица, кои побараа и не добија или воопшто не побараа амнестија, се осудени на вкупно 211 години затвор.
Неодмна, при објавувањето на завршните зборови на обвинителката Вилма Рускоска, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата „За подобра Македонија“ се јави со кратко соопштение со следната содржина:
„Со жалење констатираме дека денеска Јавното обвинителство, во текот на завршното обраќање, не ги испочитува одредбите од член 1 од Законот за амнестија, каде многу прецизно е дефинирано за какви дела треба да продолжи судскиот процес. Од таа причина сакаме да истакнеме дека почитувањето и спроведувањето на законот е императив за владеење на правото.
Затоа апелираме до Судот доследно да ги испочитува одредбите од Законот за амнестија, со оглед на доказите кои беа изведени во текот на судскиот процес“.
Генерално, за сите обвинети делото од членот 313 од Кривичниот законик не требаше да постои и да има преквалификација. Тоа беше суштината на целиот закон, изјави тогаш за Пресинг Тв, пратеничката Емилија Александрова.
Денеска истите пратеници не се јавија со никакво соопштение, барем до пишувањето на текстот. Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои ги отворија собраниските порти, со што и според зборовите на обвинителката Рускоска, се отворија и портите за извршеното насилство, сега се амнестирани лица.
За потсетување, во членот 1 од Законот за амнестија се пропишуваше дека со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата: осомничени и обвинети во судските постапки кои се водат пред судовите на територијата на Република Македонија, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека до денот на влегувањето во сила на овој закон, сториле кривични дела согласно член 384-Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, согласно член 386-Насилство, согласно член 385-Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и кривично дело согласно член 313-Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од Кривичниот законик и други кривични и прекршочни дела согласно со позитивно-правните прописи во Република Македонија.
Законот се однесуваше и на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и/или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, а во врска со настаните од 27 април 2017 година.
Comments are closed for this post.