Учениците од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани, кои го сочинуваат тимот по роботика „Robo adventures“, заедно со своите наставници заминаа за Словенија каде ќе ја претставуваат нашата држава на меѓународниот Адриа натпревар од Првата Лего лига.
Годинава темата на натпреварот во Словенија носи назив „Во орбитата“, а учениците од Кочани работат на проект за автоматизирано роботско чистење на вселената од вселенски отпадоци.
Со успехот на државниот натпревар што неодамна се одржа во Штип, се стекнавме со право да патуваме во Целје, Словенија, каде ќе се натпреваруваме со вкупно 30 тимови од државите од Југоисточна Европа. Меѓународниот натпревар е во четири категории, односно изработка на проект, основни вредности, опис на дизајнот на роботот и негово пуштање во работа, а за секоја од нив има посебно бодување и пласман. Во Штип бевме најдобри во четвртата категорија и очекуваме овој успех да го повториме и на регионално ниво, истакна Анастасија Додевска од тимот по роботика од Кочани.
Покрај тимот од ОУ „Св. Кирил и Методиј“ учесници на натпреварот во Целје ќе бидат и ученици од СТЕМ Академија од Скопје.
Минатата година тимот по роботика од кочанското средно училиште „Гошо Викентиев“ беше меѓу најдобрите во Адриа лигата и ја претставуваше државата на светскиот натпревар по роботика што се одржа во САД.
Comments are closed for this post.