Министрите за надворешни работи на Русија, Турција и Иран, Сергеј Лавров, Мевлут Чавушоглу и Мохамад Џавад Зариф, се изјаснија за забрзување на напорите со цел сирискиот уставен комитет што побрзо да почне да работи.
Тројцата дипломати се сретнаа на маргините на сесијата на Генералното собрание на ОН, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Повторно беше нагласена целта да се забрзаат напорите за формирање и отпочнување со работа на уставен комитет во Женева врз основа на одлуката на Конгресот на сирискиот национален дијалог и резолуција 2254 на Советот за безбедност на ОН, која ќе им овозможи на Сиријците сами да ја одредат нивната иднина – се наведува во соопштението.
Договорот за формирање на уставната комисија беше постигнат на Конгресот на сирискиот национален дијалог одржан во Сочи на 30 јануари.
Специјалниот претставник за Сирија на генералниот секретар на ОН, Стефан де Мистура, планира наскоро во Женева да одржи состанок на комитетот, во кој има претставници на Дамаск, опозицијата и на групи независни политичари. Членовите на комитетот треба да дадат препораки за промена на уставот во Сирија, по што во земјата треба да се одржат општи избори под покровителство на ОН.
Де Мистура рече дека идното советодавно тело не треба да вклучува повеќе од 50 луѓе.
Comments are closed for this post.