Велика Британија не може да го прифати предлогот на главниот преговарач на Европската унија за Брегзит, Мишел Барние, затоа што тоа ќе го доведе во ризик единството на земјата. Доколку биде прифатен тој предлог, членките на ЕУ ќе се однесуваат поинаку кон британската покраина Северна Ирска, отколку кон целата држава, изјави претседавачот на владејачката британска Конзервативна партија, Брендон Луис.
Не може да имаме договор кој го нарушува единството на Обединетото Кралство. Предлогот што вчера го соопшти Мишел Барние ќе ја доведе во прашање силата на Велика Британија. Владата нема да толерира нешто што го доведува во ризик единството на Обединетото Кралство – изјави Луис.
Барние предложи Британија да може да ја напушти царинската унија со ЕУ по Брегзит, кој формално е закажан за 29 март, но Северна Ирска да остане во таа унија за да се спречат контролите на границата со Република Ирска.
Comments are closed for this post.