Документите од хартија наскоро ќе можат да бидат заменети со електронски, што ќе се добиваат со само неколку кликови, најави на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Според него, ова ќе го овозможи усвојувањето на трите нови закони од страна на Владата – законот за централен регистар на население, законот за електронско управување и електронски услуги и законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

Секој граѓанин ќе може електронски да добива законски валидни документи од својот дом или секаде каде што се наоѓа, што ќе бидат доставувани по електронска пошта и ќе бидат со еднаква вредност и важност како оние добиени на шалтер и во хартија. За оние граѓани,кои нема да можат да побараат услуги по електронски начин, ќе постои и старата опција да ги добијат преку канцелариите за една точка на услуги и на другите шалтери на институциите кои нудат услуги, изјави Манчевски.

Основата на процесот ќе биде новиот закон за централен регистар на население со кој се предвидува воспоставување на електронски регистар на население како единствена и во реално време ажурирана база на податоци за граѓаните. Податоците во овој регистар ќе се добијат со спојување на податоците од МВР, Управата за водење на матични книги и Централниот регистар.

Во моментов, според Манчевски, се инсталираат хардверот и софтверот потребни за непречено функционирање на регистарот.

Со законот за електронско управување и електронски услуги се обезбедува ефикасно давање на услуги по електронски пат на основа на утврдени стандарди и процедури. Со него се воведува каталогот на услуги и новиот национален портал за електронски услуги. Каталогот ќе ги содржи сите потребни информации за сите услуги што ги нуди јавниот сектор, а преку порталот граѓаните ќе можат да добиваат зголемен број на услуги по електронски пат, рече Манчевски и додаде дека порталот ќе се надградува со зголемувањето на бројот на дигитализирани услуги.

Манчевски нагласи дека законите гарантираат целосна доверливост и заштита на личните податоци и додаде дека генерална заложба е електронските услуги да бидат поевтини, но сепак посочи дека секоја институција треба сама да ги коригира своите ценовници за услуги.