Во Скопје почна 23-от Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на кој партијата треба да го потврди Стево Пендаровски за кандидат за претседател на државата на претстојните избори.

Конгресот беше отворен со обраќање на премиерот и лидер на партијата Зоран Заев кој рече дека од последниот конгрес СДСМ ја потврди својата државотворна улога и одговорност во пресудните моменти и настани од историјата на нашата современа држава.

-Нашата партија заедно со нејзините лидери и членство никогаш не отстапи пред предизвиците. Секогаш ја преземаше одговорноста донесуваше одлуки и спроведуваше рационални политики што се покажаа како историски. Тоа беше во 1991 година, кога заедно со граѓаните на нашата земја учествуваме во процесот на прогласување на независноста на нашата земја. Тоа беше и во 2001 кога презедовме одговорност да го запреме меѓуетничкиот конфлик и со дијалог и со Охридскиот рамковен договор да почнеме да ја градиме новата вредност на нашата општествена заедница концептот „Едно општество за сите”. Така беше и во 2005 кога им дадовме силен имплус на европските вредности и нашите аспирации за членство во ЕУ и ни беше доделен кандидатскиот статус. Така беше и во 2015 година кога со „Вистината за Македонија” со граѓантие на Македонија во кампот на слободата со шарената револуција тргнавме низ улиците на нашите градови. Кога трпеливо и мудро низ политичките процеси верувајќи во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок и кога социјалдемократските вредности ги здруживме со цивилизациските вредности за да си ја ослободиме заробената ни држава. Така беше и во 2017 и 2018 година кога на 27 април се спротивставивме на насилството и кога новата владина коалиција донесе одлука да постигне договор за пријателство со Бугарија и ќе го реши тридеценискиот спор со Грција, рече Заев на Конгресот.

Тој потенцира дека овие датуми и настани и историски одредници го носат потписот на Социјалдемократскиот сојуз.

По обраќањето конгресот ќе биде затворен за јавноста, а повторно ќе биде отворен на крајот кога ќе се обрати избраниот кандидат за претседател на државата.

Стево Пендаровски доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на 31-на политичка партија од коалицијата предводена од СДСМ, владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.

Поддршката беше изразена на средба во петокот вечерта во Скопје по која премиерот Зоран Заев оцени дека ова е историска одлука и дека 31-на политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.

За заедничкиот претседателски кандидат Стево Пендаровски исклучителна е честа да бидеш поддржан од претставници на сите етнички заедници, од 31-на политичка партија, но, и од многу граѓани кои воопшто не се членови на политички партии. 

Ова го напиша Пендаровски на својот фејсбук профил откако ја доби поддршка да биде заеднички претседателски кандидат на коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција

Одлуката за заедничкиот кандидат треба да биде верификувана во органите на секоја од партиите.

Вчера на Централно собрание НДП даде подршката за консензуалниот кандидат за претседателските избори на Северна Македонија, Стево Пендаровски, како и ДОМ од каде сметаат дека Пендаровски го има потребното професионално и политичко искуство за компетентно извршување на оваа висока државна функција и од СДУ кои изразија безрезервна поддршка за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.