Утре во 12 часот ние имаме Централен совет на ДУИ околу претседателските избори, изјави за Пресинг Тв, пратеникот на интегративците, Артан Груби, одговарајќи на прашањето дали лидерот Али Ахмети утре ќе присуствува како гостин на Конгресот на СДСМ на кој треба да се потврди изборот на Стево Пендаровски за надпартиски, консезуален претседателски кандидат на власта.

Во интервју за вториот канал на МРТВ неодамна Ахмети изјави дека не се откажуваат од принципот за консезуален претседателски кандидат, но тогаш кога ќе постои реципроцитет и оти не може да гласа или да поддржи кандидат, кој СДСМ ќе го гласа на Конгрес.

Излегуваат со изјава дека ќе прават Конгрес. На туѓа свадба не одам. Ниту на свадба непоканет не одам. Овие неодговорни потези на СДСМ, на неколку нивни високи  претставници се некоректни. Ние не сме ничија патерица, ниту, пак, сме нечија опашка. Ниту претходно на Груевски, ниту сега на Заев. Направивме длабока анализа и решивме да излеземе со наш кандидат, рече тогаш Ахмети.

Развојот на настаните го потврди принципот за консезуален претседателски кандидат, што и да се подразбира под тоа, а совпаѓањето на термините за одржувањето на конгресот на СДСМ и на Централниот совет на ДУИ говори дека Ахмети нема да оди „на туѓа свадба“ ни поканет, ни непоканет.