Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Валтер Дефа, кој од денеска е специјален советник во Владата на РСМ, номиниран од Владата на СР Германија, а на средбата во Кабинетот на премиерот беше придружуван од амбасадорот на СР Германија, Томас Герберих.
На средбата, соопшти владината прес-служба, Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата на РСМ во спроведување на економските политики, ги пренел поздравите од канцеларката Ангела Меркел, на чија иницијатива се реализира неговиот ангажман во нашата земја, и го изразил своето задоволство што во наредниот период, заедно со премиерот Заев, како и со тимот економски министри во Владата, ќе може да соработува на унапредување и имплементација на економските политики на Владата.
На оваа прва средба со премиерот Заев, двајцата соговорници разговарале за приоритетите за економски раст на земјата, особено сега кога земјата ги реши сите отворени прашања со соседите, кога се реализира Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, со што се отворени позитивни перспективи за економски развој во земјата, во регионот, како и во однос на зајакнување на економските врски со ЕУ и со земјите членки.
Претседателот на Владата на РСМ, Заев истакнал дека меѓу приоритетите на нашата земја е профилирањето на стручна работна сила за потребите на странските инвеститори, за кои Владата на СР Германија покажала посебен интерес, со оглед потребите на германските компании присутни во земјата, како и на компаниите кои покажале интерес да инвестираат во Република Северна Македонија.
Како стратешки приоритети на Владата за развојот на економијата на Република Северна Македонија за побрз и одржлив економски раст и развој на средбата биле споменати реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, енергетските проекти, како и споделувањето на искуствата за европските фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија.
Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисија, каде што извршувал повеќе должности меѓу кои како позначајни се издвојуваат неговите работни обврски како директор на Генералниот директорат за регионална политика, како и неговото раководење со Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.
Comments are closed for this post.