Илјадници лица маршираа ширум Франција и особено во Париз, а десетици се приведена за време на 15. последователен викенд протести на „жолтите елеци“ против политиката на Владата.

Ширум земјата протестираа околу 11.600 демонстранти, додека 4.000 од нив беа само во престолнината, соопшти Министерството за внатрешни работи.


На социјалните мрежи беа упатени апели протестот да мине во мирна атмосфера, а еден од протестните собири е против антисемитизмот. Екстремистичките ставови на дел од демонстрантите доведоа и до антисемитистички навреди упатени кон познатиот филозоф, Ален Финкелкрот.

Протестите почнаа во ноември минатата година против данокот на гориво, но се проширија против целокупната економска политика на претседателот Емануел Макрон, за која „жолтите елеци“ тврдат дека ги фаворизира богатите луѓе.