Агенцијата за катастар на недвижности ќе воспостави и ќе управува со Графичкиот регистар на улици и куќни броеви, кој ќе содржи теренски прибрани просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви, поединечно по населено место, надлежност што произлегува од Законот за катастар на недвижности.
Како што појаснуваат од Агенцијата, графичкиот регистар на улици и куќни броеви ќе биде поврзан со описните податоци од Регистарот на просторни единици, заради идентификување на улицата спрема населеното место, односно административните единици, како и со податоците од електронскиот катастар на недвижности (еКат), со што ќе се овозможи лесна идентификација на недвижностите според адреса.
Описните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ги презема по службена должност од Регистарот за имиња на улици и куќни броеви, што се води при Централниот регистар на Република Македонија. Тие ќе бидат ажурирани со теренското прибирање на податоците. Просторните податоци за улиците и куќните броеви, Агенцијата ќе ги прибира од терен.
Активностите на терен, појаснуваат од Агенцијата за катастар на недвижности, веќе се започнати, и затоа упатува апел до жителите од следните населени места, да им излезат во пресрет на екипите кои ги прибираат теренските податоци, да им ги дадат потребните податоци и информации и да им овозможат фотографирање на објектите:
– Општина Гази Баба (населени места Брњарци, Булачани, Идризово, Јурумлери, Раштак, Страчинци, Црешево, Инџиково, Гоце Делчев, Сингел-иќ, Стајковци, Трубарево, Смиљковци, Виниче и Гази Баба);
– општина Аеродром (населени места Долно Лисиче и Аеродром);
– општина Ѓорче Петров (населени места Грачани, Кучково, Никиштане, Орман, Волково, Ново Село, Кисела Јабука и Ѓорче Петров);
– општина Кисела Вода (населени места Усје, Драчево и Кисела Вода);
– општина Центар (населено место Центар);
– општина Шуто Оризари (населени места Горно Оризари и Шуто Оризари);
– општина Бутел (населени места Љубанци, Љуботен, Радишани, Визбегово и Бутел);
– општина Карпош (населени места Бардовци, Горно Нерези и Карпош);
– општина Чаир (населено место Чаир);
– општина Сарај (населени места Дворце, Арнакија, Бојане, Буковиќ, Глумово, Горно Свиларе, Грчец, Долно Свиларе, Копаница, Крушопек, Ласкарци, Матка, Паничари, Раовиќ, Рашче, Семениште, Чајлане, Шишево, Кондово, Љубин, Радуша, Рудник Радуша и Сарај).
Со теренското прибирање на податоци за улици и куќни броеви, велат од Агенцијата за катастар на недвижности, ќе се соберат просторни и описни податоци за улиците и куќните броеви на лице место и ќе се добие јасна слика која улица каде се наоѓа и кои куќни броеви се однесуваат на неа, како и во кое населено место.
Comments are closed for this post.