Со цел да се спречат злоупотреби, со новите измени во законот за готовински плаќања, угостителите и обложувалниците ќе имаат временско ограничување за издавање сторна сметка, најавува министерот за финансии Драган Тевдовски.
„Се прават неколку измени што се прават во насока на намалување на даночната евазија. Фокусирани сме на еден дел што се однесува на сторнирање на сметките. Едно од решенијата на законот е при сторнирањето на сметките да се приложува и сметката што е сторнирана. Друга измена, се доуредува и делот кај издавањето сторни сметки кај угостителите и обложувалниците, кај кои се пропишува временско ограничување за издавање сторна сметка во рок од 15 минути од издавањето на фискална сметка, со цел да се спречат злоупотреби“, појаснува министерот.
Меѓу другото, министерот Тевдовски говорејќи за измените на законот за субвенциониран станбен кредит, истакна дека најзначајно е што се намалуваат каматните стапки и дека по овој основ заштедите ќе изнесуваат околу 1.300 евра за кредит од 50.000 евра.
„Одлично е што во земјава имаме каматни стапки за станбени кредити што се под три отсто, поточно во првите три години со измените камата ќе биде 2,9 отсто. Досега не сме имале толку ниски каматни стапки. Подобрени се условите и намалени се каматните стапки и за четвртата и петатта година од станбените кредити. Тоа ќе направи сериозни заштеди за граѓаните. Само од намалувањето на каматната стапка заштедите ќе изнесуваат околу 1.300 евра за кредит од 50.000 евра, вели министерот.
Тевдовски очекува набрзо, најверојатно во текот на овој месец или почеток на следниот месец, да биде донесен закон, а граѓаните кои немаат свое живеалиште да можат на многу полесен и поевтин начин да дојдат до свое живеалиште.
Comments are closed for this post.