Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска и официјално соопшти дека бразилскиот фудбалер Хуан Фелипе Алвес Рибеиро по неполна една година настапи во Казахстан, се врати во Скопје.
Фелипе повторно е дел од „црвено-црните“, откако по потпишувањето на договорот, стигна и потребниот сертификат со што се стекна со право за настап уште на првиот меч во пролетниот дел од сезоната, соопшти ФК Вардар.
Бразилецот потпиша договор до крајот на сезоната, со надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.
Иако десетина месеци не бев дел од Вардар, се чувствувам како никогаш да не сум заминал. Ова е мојот дом, го сакам клубот, ги сакам навивачите „Комити” од кои верувам дека ќе ја имаме поддршката на секој натпревар. Се враќам во добро позната средина. Гледам дека се сменија некои работи од минатата година до сега, сепак, добро се познавам со дел од играчите. Верувам дека повторно одлично ќе соработуваме, и се надевам на добри игри, изјави Фелипе за клупскиот сајт.
Бразилецот верува дека Вардар може да дојде до титулата, која што ја освојуваше додека беше дел од нашиот клуб.
Се вратив за повторно да се обидеме да дојдеме до титулата, и да ја вратиме онаму каде што припаѓа. Ќе биде тешко во пролетниот дел, но ќе се бориме, и јас се надевам и посакувам со добри игри и со добри резултати, повторно да бидеме на првото место на крајот од сезоната. Некои од играчите се нови, јас не ги знам, меѓутоа поголемиот дел ги познавам. Вардар има квалитет, Вардар секогаш оди на победа, на прво место, и така ќе биде и во овој втор дел од сезоната, вели повратникот во таборото на „црвено-црните“.
Comments are closed for this post.