Додека некои вработени знаат да се пожалат дека одењето на работа им е како одење во затвор, за мала група луѓе во Македонија тоа е секојдневната реалност. Околу 550 припадници на затворската полиција и администрација, меѓу народот попознати како затворски чувари, секојдневно го минуваат работниот ден меѓу затворските ѕидови опкружени со осудените криминалци на чиешто однесување треба да внимаваат. Тоа не е ни малку лесна задача, уште повеќе ако се знае во какви услови работат.
Еден од најголемите нивни проблеми е драстичниот недостиг на луѓе, па така тие 550 чувари се грижат за околу од 2.700 затвореници распоредени во 12 затвори во Македонија. Така, на пример, во најголемиот затвор во земјава, Идризово, во смена што трае 12 часа има дваесетина луѓе, но само четворица од нив се распоредени за внатрешно обезбедување на затворот, а тие четворица треба да се справат со 1.400 затвореници.
Како што велат од синдикатот на затворската полиција и администрација, минималното исполнување на потребните услови би било во смена, наместо постојните 20, да има барем педесетина луѓе. Како што додаваат од синдикатот, некои од затворите функционираат без лекар или готвач.
Од синдикатот велат дека пред околу еден месец имале средба со Министерката за Правда, Рената Дескоска, која искажала добра волја да се направат потребните чекори кон решавање на нивните проблеми. Сепак, до денес, ниту од министерството, ниту од Владата не е направено ништо.
Тоа е причина за нивната одлука да почнат серија протести со блокирање на крстосниците во близина на зградите на министерството за правда и Владата. Во тој протест ја имаат поддршката од Конфедерацијата на независни синдикати.
Нивниот план е да бидат упорни во протестот, односно да останат на скопските улици и крстосници се додека за нивниот проблем нема поместување од мртва точка и институциите не почнат да ги решаваат нивните проблеми.
Comments are closed for this post.