Идејата за организирање референдум во Франција за излез од кризата со „жолтите елеци”, истовремено со европските избори, за која вчера пишуваше неделникот „Журнал ди Диманш”, наиде на неприфаќање како кај парламентарното мнозинството, така и во редовите на опозицијата.
Според „Журнал ди Диманш” францускиот претседател Емануел Mакрон размислува да распише референдум со едно или повеќе прашања на 26 мај, денот кога ќе се одржат и изборите за членови на Европскиот парламент. Тогаш, според весникот, Французите би можеле да се изјаснат за неколку институционални прашања, меѓу кои и намалување на бројот на пратениците и ограничување на бројот на мандати.
Но, само што излезе, идејата беше набрзо отфрлена од неколку членови на Владата. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан утрово оцени дека „не е пожелно” референдум да се одржи на истиот ден со евроизборите, бидејќи како што рече „европскиот влог е премногу голем” за да бидат споени со референдумско изхаснување.
„ Референдумот е нешто друго, тоа е национално прашање. Не мислам дека треба да се измешаат двете работи“, истакна Ле Дријан.
Министерката за европски прашања Натали Луазо уште вчера ја отфрли ваквата идеја, нагласувајќи дека „на 26 мај треба да се зборува за Европа”.
„Постојат големи проблеми… и ние треба да зборуваме за тоа“, изјави Луазо за радиото Европа 1.
Опозицијата, исто така, ја критикуваше ова идеја. Претседателката на десничарската партија Националното обединување (РН), Марин Ле Пен, иако ја поддржува идејата за референдум, се противи на негово одржување заедно со европските избори, оценувајќи го тоа како „маневар” на Макрон.
„Пред да почне големата дебата, тој веќе одлучи да предложи референдум на денот на европските избори за да го пренасочи интересот од европските избори, на кои позициите што тој ги брани имаат поддршка од малцинство во земјата“, изјави Ле Пен на БФМ-ТВ.
Кандидатката за европските избори на левичарската партија Непокорна Франција, Манон Обри идејата е „обид на Владата за измама”
„Макрон и Владата се обидуваат да го задушат движењето (на „жолтите елеци”) и да и дадат легитимитет на (нивната) политика, со тоа што нема да го менуваат курсот, туку само се обидуваат да направи мало демократско дотерување, без да одговорат на аспирациите на народот… за да ја потопат дебатата за европските избори“, смета Обри.
Носителот на листата на конзервативната партија Републиканци за европските избори, Франсоа-Ксавиер Белами, оцени дека референдум организиран на 26 мај „целосно ќе ја засени дебатата за Европа”.
Тој смета дека е потребна вистинска дебата на европските избори за иднината на Европа и би било апсурдно таа да се замени со дискусии за прашања од национален интерес.
Покрај тоа, кандидатот на Републиканцитр верува дека од актуелната криза „нема да се излезе со референдум”. Наместо тоа, тој повикува на „нов политички поттик”, кој „може да произлезе само од глобален политички предлог”.
Макрон ќе има можност да се обрати на оваа тема и на состаноците организирани во текот на оваа недела со лидерите на партиите застапени во Националното собрание, Сенатот и Европскиот парламент.
Comments are closed for this post.