Генаралот на воено воздушните сили на венецуелската армија, Франциско Јанез, го призна Хуан Гуаидо за привремен претседател на Венецуела. Генералот ова денеска го објави преку видео порака на Твитер.
-Со гордост на патриот и демократ денеска соопштувам дека се откажувам од злобниот и диктаторски авторитет на господин Николас Мадуро и го признавам Хуан Гуаидо за вршител на должноста претседател на Боливарска Република Венецуела и во однос на тоа подготвен сум да ги исполнам неговите наредби, укажа Јанез, цитиран од весникот „Ел Национал”.
Според изданието, Јанез укажал дека 90 отсто од вооружените сили на Венецуела не го поддржуваат Мадуро и „неизбежен е премин кон демократија”.
Повикувајќи се на „колеги од авијацијата” Јанез укажал дека Мадуро секогаш држи во спремност два авиона и го советувал што поскоро да ја напушти земјата, истакнува „Ел Национал”.
Мадуро за претседател беше избран лани во мај, но венецуелската опозиција како и голем дел од меѓународната заедница не го призна резултатот од изборите.
Гуаидо, кој е претседател на Националното собрание на Венецуела, минатата недела се самопрогласи за привремен претседател со ветување дека ќе организира слободни избори. Тој веднаш беше признат од САД, Велика Британија, Канада, Австралија и голем дел од земјите во Јужна Америка. Мадуро е поддржан од Кина, Русија, Турција и Мексико.
Јанез е прво високо армиско лице во активна служба, кое го призна Гуаидо за привремен претседател.
Comments are closed for this post.