Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28 отсто од можни 100 отсто, покажало истражувањето „Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост“ што го објави Центарот за граѓански комуникации.
Ова истражување покажало и дека ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност, со исполнување на обврските над 60 проценти.
Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои шест основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето. Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31 отсто, а претпријатијата основани од општините 27 отсто. На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52 отсто, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0 се наоѓа АД Градски трговски центар, посочуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Според нив, речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори. Според резултатите обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67 отсто од претпријатијата.
Comments are closed for this post.