Рускиот весник што излегува на англиски јазик „Москоу тајмс“ (The Moscow times) повикувајќи се на неименувани извори објави дека Русија испратила платеници во Венецуела да го чуваат претседателот Николас Мадуро.
Весникот тврди дека во Венецуела минатата недела се испратени платеници кои изведуваат тајни мисии за Русија од Украина до Сирија. Кремљ ги негираше наводите на „Москау тајмс”.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков првично изјави дека нема такви информации, а еден ден подоцна на прашање дали е вистина дека „400 руски борци го штитат Мадуро”, одговори – „Секако дека не“.
Според дел од западните медиуми, платениците кои наводно пристигнале во Венецуела се поврзани со злогласната руска група Вагнер, која дејствува во Украина и во Сирија, но и во некои африкански држави.
Нивната цел е да го заштитат Мадуро од приврзаниците на опозицијата во редовите на венецуелската полиција и војска.
Според други неименувани извори во Венецуела се испратени помал број руски платеници, но тие во Каракас пристигнале пред претседателските избори во 2018 година, кои за опозицијата и дел од меѓународната заедница се наместени и нелегитимни.
Според јавно достапните информации, последните неколку недели повеќе руски државни авиони, патнички Иљушин, но и товарни авиони Антонов слетале во Венецуела или во соседните држави. Авионот во сопственост на Кремљ, Иљушин-96 на 23 јануари слетал во главниот град на Куба, Хавана. Авионот полетал од Москва, но слетал во Сенегал, па продолжил за Парагвај и на крај да слета во Хавана.
Comments are closed for this post.