Големата италијанска и светска актерка Клаудија Кардинале, како и оскаровецот Роџер Дикинс денеска во попладневните часови пристигнаа во Македонија.
Клаудија Кардинале пристигна со својата ќерка, која се вика исто како неа, Клаудија и иако помалку уморна, таа на аеродромот во Скопје беше заинтересирана да ја запознае земјата која и оддава почест со наградата Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија.
Таа како вистинска филмска дива не покажа дека е заморена од патот, дозволи неколку фотографии веднаш по пристигнувањето. По краток одмор во Скопје, таа продолжува кон Битола каде утревечер, на свеченото отворање на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ќе и биде врачена наградата. Веднаш по пристигнувањето таа рече дека и се допаѓа што е кај нас топло и сончево, и дека првите впечатоци и се позитивни, се вели во соопштението од фестивалот Манаки.
Британскиот кинематографер Роџер Дикинс, лауреат на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, дојде во Македонија, заедно со својата сопруга Изабела.
Тој веќе пристигна во Битола, каде го пречека директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска, заедно со фестивалскиот тим. Дикинс со сопругата се согласија да се сликаат со младите волонтери на фестивалот.
Роџер Дикинс е еден од најголемите живи светски кинематографери и нему утревечер ќе му биде врачена наградата, а во понеделник, 24 септември, тој ќе одржи мастер класа во рамки на програмата на ИФФК „Браќа Манаки“.
Comments are closed for this post.