Со протокалови елеци, балони и свирчиња, предводени со паролата „Пристојна плата – Сигурни работни места“ низ штипските улици протестираа членовите на општинските организации на СОНК и на Конфедерацијата на слободни синдикати. Првите синдикалци на КСС и на СОНК, Благоја Ралповски и Јаким Неделков, ги истакнаа барањата за покачување на платите во јавниот сектор од јануари годинава, согласно процентот за колку е зголемена минималната плата, потоа исплата на К-15 за јавната администрација и да се стопира тансферот од јавен во приватен сектор.
Тие обвинија и дека за протестниот марш имало притосоци од власта за да не се приклучат наставниците и административците на протестот.
Добиваме информации дека во одредени установи или општини се организираат регионални натпревари и состаноци, и тоа од вчера за денеска, се со цел да не спречат, да не опструираат овдека на плоштадот во Штип. Но, можам да кажам слободно дека ние сме голем синдикат и колку повеќе да не спречуваат, толку повеќе ќе бидеме на улици. Не можат да не спречат да направиме ниту протест, ниту да си ги побараме барањата, кои се сосема легитимни – изјави Ралповски.
Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, истакна дека е очигледно оти Владата нема слух за нискиот социјален статус на вработените во јавниот сектор, за несигурните работни места, за недоволниот социјален дијалог помеѓу засегнатите страни и селективниот однос на министрите кон одредени синдикати. Тој забележа дека час поскоро треба да се седне на заедничка маса со министрите за образование, труд и социјална политика и клутура и да се разговара за првата на вработените во овие сектори.
Огромен број на луѓе кои се овде и огромен број на вработени во јавната администрација се незадоволни од состојбите. И по вакво лошо време се охрабрија да излезат на јавен протест каде што јавно ќе го искажат своето незадоволство од состојбите во јавниот сектор – изјави Неделков.
Раководствата на СОНК и на КСС не се изненадени што ресорните министри не дојдоа на протестот во Штип и покрај тоа што им упатија покана за изворно да ги слушнат барања и состојбите во овие државни сектори. Доколку не почнат преговори за исполнувања на испорачаните барања, во тој случај следниот протест се најавува во Западна Македонија, а потоа и во Скопје, за на крајот да се радикализира со генерален штрајк.
Comments are closed for this post.