Ракометарите на Данска се првите финалисти на Светското првенство, откако актуелните олимписки прваци ги совладаа бранителите на тутулата светски прваци Французите со 38:30 (21:15).

Предводени од расположениот Микел Хансен, Данците одиграа неверојатно прво полувреме, особено во нападот, и за првите половина час дури 21 пат ја затресоа мрежата на актуелниот светски шампион.

Во второто полувреме предноста на Данска растеше до максималните 10 разлика, 30:20 во 44 минута, за во самата завршница Французите да успеат да го ублажат поразот. На шест минути до крајот „Триколорите“ намалија на 28:34, но во ниеден момент не се заканија дека може да направа пресврт.

Хансен со 12 погодоци ја предводеше Данска, додека Кентен Мае со осум голови беше најефикасен кај Франција.

Данска во недела во 17,30 часот на својот терен во Хернинг ќе игра за златниот медал против победникот од второто полуфинале во кое од 20,30 часот се среќаваат Германија и Норвешка. Франција, пак, во истата сала од 14,30 часот со поразената селекција ќе се бори за третото место.

Во сабота во Данска ќе се играат и дуелите за конечниот поредок, од 17,30 часот Египет и Шпанија ќе играат за седмото место, а Хрватска и Шведска во 20,30 часто ќе го започнат дуелот за петтото место.