Во Македонија има регистрирано 123.000 трговски марки. Свеста за значењето за заштита на индустриската сопственост е ниска, но има интерес, а цената за заштита само во Македонија не е висока.
Ова го истакнува заменик-директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски во интервју за МИА, во кое посочува дека во насока на поголема информираност на малите и средните претпријатија за значењето и користа од заштитата на индустриската сопстеност, а по повод 25 години од постоењето на Заводот, овој месец се спроведува кампања во повеќе градови, а денеска карванот е во Скопје.
Оценува дека добро е секоја фирма при самата отворање да го заштити нејзиното име и лого.
Вообичаено луѓето не се свесни за проблемите додека не се појават. Тогаш стануваат свесни какво е значењето и придобивките од индустриската сопственост, истакнува Герасимовски и додава дека поголема се свесноста кај големите компании.
Тој вели дека искрено не можеме да бидеме целосно задоволни од свесноста на македонските компании за значењето на интелектуалната сопственост, тоа го покажуваат и бројките со кои располагаат во однос на поднесени пријави.
Но, постојат и такви, кои се многу упатени во областа, особено кога станува збор за трговските марки и за индустрискиот дизајн. Такви се можеби 10 проценти од фирмите, истакнува Герасимовски.
Како што наведува, во Државниот завод за индустриска сопственост има вкупно 8.500 пријави за патенти од кои 10 отсто се домашни, останатите се странски, а во делот на трговските марки вкупно се регистрирани 123.000. Од пријавените 96.341 се преку мадридскиот систем, 26.486 се странски, а само македонски пријави за трговски марки се 14.644.
Тој порача дека иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на европскиот пазар. Од друга страна, фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост, затоа заштитата на правата од индустриска сопственост игра голема улога во индустријата.
Герасимовски смета дека со членството на Македонија во ЕУ и НАТО ќе се зголеми заштитата на индустриска сопственост, а македонските компании во согласност со својата стратегија за развој ќе добијат можност да ја подобрат својата позиција на национално и меѓународно ниво што ќе овозможи успешно функционирање на македонската индустрија на европскот пазар.
Спроед него, заштитата за правата од индустриска сопственост не е скапа и чини за трговска марка 6.000 денари, додека заштита на патент е 15.000 денари.
Comments are closed for this post.