Бројот на жртвите од нападот врз хотелскиот комплекс во Најроби се искачи на 21, соопшти претставникот на кениската полиција, Џозеф Боне. Меѓу загинатите се 16 Кенијци, од кои еден полицаец, но и еден Британец, еден Американец, како и тројца Африканци, чија националност не е соопштена.

Боне наведе дека се уапсени двајца осомничени за вмешаност во терористичкиот напад.

Нападот врз луксузниот хотелски комплекс „ДуситД2“ на 15 јануари го извршија припадници на терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда. Тие фрлија бомби врз возилата на паркингот, по што влегоа во предворјето на хотелот, каде еден од нив го активира експлозивот што го имал на себе. Потоа напаѓачите отворија оган.

Опсадата на хотелскиот комплекс заврши по 20 часа, а напаѓачите беа убиени од кениските безбедносни сили.

Ал Шабаб соопшти дека нападот е одговор на одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

Седиштето на Ал Шабаб се наоѓа во Сомалија. Терористичката група во 2013 година изврши напад врз трговскиот центар Вестгејт во Најроби, при што загинаа 67 луѓе.

Нападот уследи откако во понеделникот кенискиот суд одлучи да им суди на тројца осомничени мажи дека биле вклучени во нападот врз трговскиот центар Вестгејт.