Индикативно и чудно, но токму на денот кога пред 26 години Република Бугарија ја призна независноста на Република Македонија, „Македонска трибуна“, орган на МПО „Љубен Димитров“ од Торонто, Канада, во својот прв број за 2019 година објави текст под наслов „План Б и Заговор!“, потпишан со иницијали Г.М. Текстот носи датум од 17 декември 2018 година.

Тој е релативно краток, но неговата содржина заслужува внимание. И тоа, не заради медиумот, кој и досега беше познат со своите антимакедонски ставови, туку поради пораката, што ја праќа.

Имено, авторот, како што самиот наведува, немал намера „да пишува за тоа што се случува во бившата југословенска република Македонија“ ако не било тоа „што се пишува на адреса на Красимир Каракачанов“. Иако експлицитно не наведува каде тоа се пишувало за бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, дали во Македонија или во Бугарија, авторот Г.М. пишува:

„Сите се налутија на него, зашто има смелост да го привлече вниманието на србо-„македонците“ и им кажа дека нема да им се помага да се приклучат кон НАТО и Европа со нивниот коминтерновски јазик и коминтерновска „македонска нација“! Каков грев, какво чудо!

Ама нели за тоа водевме толку војни или и тоа го заборавивме? Сите се прават на удрени и не знаат дека нашите борби во минатото беа за обединување на Македонија и Одринска Тракија со мајка Бугарија? Сега, по сите изјави на Зоран Заев, не останува ништо друго освен да ги обновиме преговорите со Албанците за поделба на Вардарска Македонија меѓу Албанија и Бугарија! Сите кои пишуваат за Македонија знаат дека таа ќе биде поделена меѓу Албанија и Бугарија, но сите се прават дека не се запознаени со проблемот и чекаат некој друг да го разреши! Сите професори од Бугарија и Македонија добија двојки, не дека не знаат за бугарските борби во Македонија, туку затоа што им е страв тоа да го кажат или напишат! Сите чекаат некој да им каже разделете се ама без војна!“.

Очигледно, кратко, концизно и јасно. Во духот на договорот за добрососедство и европската иднина на Бугарија и Македонија, иако органот на МПО доаѓа од Северноамериканскиот континент. Колку да не се заборави дека неоврховизмот одново и бескрупулозно атакува.