Свеченото отворање на новата сезона на Македонската филхармонија ќе се случи идниот четврток (27 септември) со концертот „Ново утро“. Солист на концертот ќе биде врвниот француски пијанист Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, кој ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев.
Едно од најтешките дела во класичната литература за пијано е токму Концертот бр. 2 од Прокофјев. Пијанистите ќе се согласат дека тоа се однесува првенствено на техничките барања кои се на граница на изводливо. Но, покрај овој силен предизвик кон кој се приклонуваат музичките уметници, ова дело поседува и врвна естетска димензија, како и силен патос кој привлекува, затоа што младиот Прокофјев го пишувал по смртта не неговиот близок пријател, а и непосредно пред Првата светска војна (1913)… – наведуваат од Филхармонијата во најавата на концертот.
Диригент на концертот ќе биде Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.
Comments are closed for this post.