Најверојатно уште на почетокот од следната година, пиварниците ширум светот ќе ги зголемат цените на пивото. Главната причина за тоа е скокот на цената на јачменот, една од основните состојки за производство на пиво, чиј род годинава, заради голема суша и екстремно високите температури во цела Европа, беше многу намален. Според веста што се прошири по светските медиуми, кои се повикуват на анализите на инвестициската банка Беренберг, се очекува зголемувањето на цената на пивото да достигне и повеќе од 15% во однос на сегашното ниво.
Во вакви околности, прашањето е дали овој тренд ќе ја зафати и Македонија и што може да се направи за да не дојде до поголемо поскапување на пивото во нашата земја?
Македонија има најниска потрошувачка на пиво по жител во цела Европа. Според последните истражувања, сегашната годишна потрошувачката на пиво во Македонија не надминува 28 литри пиво по жител.
Во Бугарија и Романија годишно во просек се консумираат над 75 литри пиво по жител, во Словенија над 76 литри, во Хрватска над 81 литри литри, во Австрија и Германија потрошувачката на пиво надминува 95 литри по жител, во Полска над 98 литри, а рекордер во Европа според консумација на пиво е Чешка со близу 140 литри по жител.
Спротивно на европскиот тренд на пораст на потрошувачката на пиво, која се движи помеѓу 1% и 2% годишно, потрошувачката на овој популарен пијалак во Македонија во изминатата деценија се намалила за повеќе од пет литри по жител.
Главните фактори кои влијаеле на ваквото намалување на домашниот пазар на пиво беше воведувањето лиценци и забраната за продажба на алкохол по 19 часот, донесени во 2008 година, како и зголемувањето на акцизата на пиво за 33% кое беше направено во јули 2013-та. Ова второто особено влијаеше на зголемување на цените на сите пива на домашниот пазар.
Познавачите на состојбите во оваа индустрија се децидни дека доколку се остварат прогнозите за глобален скок на цената на пивото, единствен начин тоа да се избегне или барем да се ублажи овде во Македонија е државата да ја намали, односно да ја врати акцизата на пивото пред нејзиното последно покачување, за што како што дознаваме веќе е покрената и конкретна иницијатива.
Колку за илустрација, и покрај најниската потрошувачка на пиво, Македонија има една од највисоките акцизи на пивото во Југоисточна Европа, како и од поголемиот број земји-членки на ЕУ кои имаат многу поголема потрошувачка на пиво во однос на нашата земја.
Па така, за разлика од Македонија, каде акцизата за пиво со пет степени алкохол изнесува 32.5 евра за хектолитар, во Романија таа изнесува само 8.63, во Бугарија 9.2, во Германија 9.44, Чешка 14.69, Австрија 24 евра и Хрватска 25.89 евра за хектолитар.
Истовремено, моменталниот износ на акциза на пиво во Македонија е за три и пол пати поголем од минималниот праг на акциза за пиво во ЕУ. Со ваква акциза на пивото, не е чудно што Скопје не е на листата на 15-те европски и светски метрополи со најниска цена на пивото.
На пример, во Скопје се пие поскапо пиво отколку во Белград, Будимпешта, Букурешт, Братислава, Варшава, Киев, па дури и од Минхен, Мексико сити и Рио де Женеиеро.
Comments are closed for this post.