Францускиот министер за внатрешни работи, Кристоф Кастанер, побара од префектите во Франција „решително“ да ги применуваат одредбите на новиот закон за азил, што стапи во сила на 1 јануари, со цел да се забрзаат постапките за екстрадиција на лицата на кои им е одбиено барањето за азил.
Во писмо испратено до префектите и до раководителите на полицијата и националната жандармерија, Кастанер потсетува дека новиот закон ги заострува условите за стекнување на право за останување на територијата на Франција за некои баратели на азил, особено за оние што доаѓаат од безбедни земји.
За оние што се одбиени, мора да ја преземете обврската да ја напуштат територијата (на Франција) согласно одлуката на ОФПРА (француското Биро за заштита на бегалци и лица без државјанство) – наведува Кастанер во писмото.
Министерот во писмото потсетува на различните аспекти на законот и бара од префектите „решително“ да ги применуваат одредбите што „претставуваат главен елемент на реформата, како домашниот притвор или задржување во специјалните центри за засегнатите лица“.
Новиот закон овозможува продолжување на максималната должина на мерката притвор за одбиените баратели на азил на 90 дена, наместо досегашните 45, со цел да се обезбедеат потребните документи за екстрадиција на овие лица во земјата од која потекнуваат.
Вашата вклученост во ова е суштински услов за успех на реформата, се наведува во писмото.
Досега, ако одбиениот барател на азил поднесеше жалба на решението до Националниот суд за баратели на азил, постапката за негова екстрација се одлагаше до завршување на процесот. Но, со новиот закон, за да запре процесот на екстрадција одбиениот азилат мора да покрене посложена судска постапка пред Управниот суд, кој сега е надлежен за одлагање на протерувањето. Оваа измена наиде на силни критики од страна на здруженијата за заштита на странците.
Новата законска мерка се однесува и на македонските државјани кои бараат азил во Франција, исто како и за граѓаните на сите држави од Балканот, бидејќи тие, како и Македонија, се сметаат за „безбедни земји“.
Comments are closed for this post.