Судскиот процес за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година продолжува на 15 јануари, но сега против вкупно 18 лица.

Најголемиот судски предмет за „крвавиот четврток“ во Собранието, почна во август минатата година против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, но согласно Законот за амнестија за настаните во Собранието донесен во декември 2018 година досега амнестирани се 15 обвинети.

Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и треба да продолжи со изнесување на завршни зборови.

На обвинителна клупа остануваат петтемина кои не побараа амнестија: екс директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, началникот во МВР за специјални операции, Душко Лазаров, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски,  Јане Ченто и  Игор Југ од патриотските здруженија, како и 13 обвинети чии барања за амнестија беа одбиени.

Судот ги одби барањата за амнетсија на Александар Василевски Нинџа, Никола Митревски Кољо, Горан Ѓошевски, Митко Пешов, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашо Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски.

Случајот за настаните во Собранието на 27 април 2017 година почна на 22 август 2018 година, против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.

По неколку маратонски рочишта во октомври, од кои најдолгото рочиште траеше 12 часа, во ноември рочиштата имаа намален интензитет, а некои дури беа и одложени. Почетниот моментум на судскиот процес значително се намали со отпочнувањето на собраниската постапка за помирување и носењето на Законот амнестијата.

На 6 декември исказ пред судот даде и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, кој беше уапсен на 4 декември и на барање на Јавното обвинителство му беше одреден 30-дневен притвор. На почетокот на годинава Кривичниот суд му одреди нови 30 дена притвор.