По вчерашаното прогласување на епидемија на морбили за целото подрачје на Скопје, вратите за децата во градинките кои немаат примено вакцина останаа затворени.
Сепак, не секаде и не за сите родители. Иако, генерално, според сликата која ја доби Пресинг ТВ мерките кои ги пропиша Министерството за здравство се почитуваат.
„Денес вративме неколку родители чии дечиња не биле вакцинирани. Тие тоа го прифатија без проблеми. Генерално немаме проблеми, а и многу малку деца имаме во градинката – ни изјавија од „Буба мара“ во населбата Аеродром.
Директорката на градинките „Фидани“ во Чаир во телефонскиот разговор ни рече дека мерките на Министерството за здравство и на Санитарната инспекција во целост ги спроведуваат.
Бројот на децата е намален. Ние прифаќаме повеќе од 900 деца, а во моментов во осум градинки имаме околу 100. Не примаме и немаме заболени деца. Утринава вративме неколку родители чии деца не биле вакцинирани и тоа помина без проблеми – ни изјавија од „Фидани“ а во моментов додека разговаравме ни рекоа дека инспектори вршат проверка во градинките.
Слична била состојбата и во „Пролет“ во Карпош, каде вратиле едно, до две деца.
Ангела Ангеловска, директорката на „Мајски цвет“, која згрижува околу 500 деца во Општината Карпош ни изјави дека во целост ги спроведуваат мерките.
Ние вршиме засилена проверка при влез во градинките, а доколку има невакцинирани деца ги враќаме. Поголемиот број од родителите, чии деца не се вакцинирани прифаќаат дека нема нив да ги примиме, но имаше и неколку кои тоа го одбија. Во една градинка мајката на детето дури влезе и во посериозна кавга. Таа немала каде да го згрижи детето па во договор со персоналот го оставила и така ќе биде во наредните два дена – не информираше Ангеловска.
Министерството за труд и социјална политика ги информирало сите државни и приватни градинки, дека Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници (морбили) во Скопје, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, и им укажало дека е на сила забрана за примање деца во градинките кои не се вакцинирани од МРП (вакцина за морбили, рубеола и паротит).
Од Министерството информираат дека градинките се задолжени и да спроведат санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки.
Од Министерството ги потсетуваат родителите дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.
15.000 деца се невакцинирани
Инаку, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на 2 јануари прогласи епидемија од морбили (мали сипаници) на цело подрачје на градот Скопје и предложи мерки за населението како да се заштити ширењето на ова исклучително опасно заболување, од кое луѓето можат да се заштитат со вакцинација.
Покрај седумте случаи кои пред десетина дена се појавија во скопската населба Радишани, деновиве има нови, уште 12 случаи, од речиси сите општини во Скопје од кои 6 (шест) официјално лабараториски потврдени и 6 (шест) со јасна клиничка слика за кои се чекаат и официјални лабараториски потврди.
Сите заболени се невакцинирани лица, станува збор за деца на возраст од 8 месечна возраст, но и возрасни со 32 и 47 години.
На Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби двајца од пациентите имаат потешка клиничка слика на воспаление на белите дробови.
Повикувајќи се на Законот за заштита на населението од заразни болести, членовите 56 и 57, од денес стапува на сила времена мерка забрана за носење на сите невакцинирани деца од МРП вакцината во сите градинки на подрачјето на град Скопје.
„Информираме дека за жал на територијата на градот Скопје има нови 12 случаи, 6 се дефинитивно потврдени со соодветните анализи, за останатите 6 ги очекуваме во текот на следниот ден. Од 15.000 невакцинирани деца со повиците од вакциналите пунктовите само 310 се вакцинираа, што е мала бројка, изјави министерот Филипче.
Првиот случај е заболено лице на возраст од 3 години, со место на живеење во општина Аеродром, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Бамби“ во населба Аеродром, но не било присутно во градинката повеќе од еден месец заради варичела.
Вториот случај е заболено дете на возраст од 1,5 година со место на живеење во општина Гази Баба, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Фидани“ во населба Чаир.
Третиот случај е заболено дете на возраст од 4 години со место на живеење во населба Радишани, општина Бутел, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „11 октомври“ во населба Бутел 1 во која подолго време не бил присутен.
Четвртиот случај е заболено лице на возраст од 32 години со место на живеење во општина Кисела Вода, невакцинирано со МРП вакцина. Петтиот случај е заболено дете на возраст од 8 месеци со место на живеење во с.Љуботен, општина Бутел, невакцинирано со МРП вакцина, не посетува предучилишна установа.
Клинички поставена дијагноза на морбили за лице на возраст од 47 години со место на живеење во општина Аеродром, со непознат МРП вакцинален статус.
Клинички поставена дијагноза на морбили за лице на возраст од 4 години со место на живеење во општина Центар, невакцинирано со МРП вакцина, посетител на предучилишна установа „Чекорче“ во населба Аеродром.
2,5 годишно заболено дете со клинички поставена дијагноза на морбили, хоспитализирано на Клиниката, со место на живеење во општина Аеродром, посетител на предучилишна установа „Сонце“ во населба Аеродром.
Во моментов (02.01.2019 година) имаме 7 лабораториски потврдени епидемиолошки поврзани случаи на морбили во населба Радишани, општина Бутел, Скопје, каде се пријави епидемија на морбили на локално ниво (населба Радишани), како и појава на 6 лабораториски потврдени случаи на морбили и 6 случаи со клинички поставена дијагноза на сомнение на морбили (лабораториско докажување во тек) од различни делови на град Скопје. Со оглед на тоа дека имаме зголемен број на случаи на високо контагиозно заболување морбили, регистрирани во одреден кус период (сите случаи се појавени во сеуште незавршениот инкубационен период на веќе појавените случаи на морбили во населба Радишани) на подрачје на Скопје, и покрај тоа што сите случаи не се епидемиолошки поврзани, имаме основана епидемиолошка индикација за пријавување на епидемија на морбили на цело подрачје на Скопје.
Comments are closed for this post.