Министерката за правда Рената Дескоска на првиот ден од преземањето на функцијата најави дека нејзина првенствена заложба ќе биде подобрување на состојбата на граѓаните во остварувањето на нивните права и реформите во судството.

Еден од првите приоритети, како што посочи, а и се реализира, беше измената на Законот за извршување со цел да се овозможи поправеден систем со помали трошоци во постапките пред извршителите.

Со измените се намалуваат трошоците во постапките пред нотарите и извршителите и тоа за најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари.

Исто така за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците. За 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа ќе бидат целосно бесплатни. Некои ставки се намалени до 50 отсто, некои дури и повеќе од 50 отсто. На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за догови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови.

Наградите на извршителите се исто така намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висина на главниот долг.

На крајот од 2018 година во македонското Собрание беа донесени  повеќе закони по скратена постапка, меѓу нив и измените во Кривичниот законик со образложение да се забрза процесот на реформите.

Интервенцијата во Кривичниот законик наиде на реакции во јавноста, тврдењата одеа во насока дека се подготвува нова амнестија, се намалуваат казните и оти сето тоа ќе влијае одредени дела кои ги води СЈО да застарат или пак обвинетите во нив да поминат со помали казни. Владата пред неколку дена со соопштение демантираше дека планира нова амнестија и обрзложи дека измените одат во насока на реформските процеси.

Со измените кои поминаа во Собранието меѓу другото се интервенира во членот 275-в, со кој се регулира злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Измените се во ставот 3, каде казната затвор за сторителот, кој со извршување на делото остварил за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или предизвикал штета од поголеми размери од најмалку пет години се намалува на четири години.

Незадоволство предизвикаа и интервенција има и во членот 279, кој се однесува на даночното затајување.

Пред народните избраници во 2019 година ќе се најдат и повеќе закони со европски знаменце, меѓу кои и Предлог законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Владата го повлече овој Предлог закон, кој беше во собраниска процедура, а пратениците на 24 декември го усвоија во прво читање. Во образложението на Владата се наведува дека на последната седница е донесена одлука за повлекување на Законот за антикорупција од собраниска процедура со цел тој да добие европско знаменце и да се забрза постапката на неговото донесување, а со тоа и постапката за избор на нова Државна комисија за спречување на корупцијата според новите критериуми утврдени со законското решение.

Со новото законско решение се регулираат и двете области корупцијата и судир на интереси,  меѓудругото се воведуваат промени во самата постапка за избор на претседател и членови, во статусот и нивните плати, како и во претстанокот на функцијата и разрешување на членовите, а има измени и во главата осум, кои се однесуваат на пријавување на имотната состојба и интересите и обврските кај административните, судските и јавните службеници од категоријата П1 да поднесуваат најдоцна во рок од 30 дена од денот на вработувањето и да доставуваат до органот изјави за  имотната состојба.

Со европско знаменце пред пратениците ќе се најдат и други закони од сферата на правосудството – една од областите кои се приоритетни за реформирање заради усогласување со европските политики. Во тој сет се Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за судовите, Предлог законот за прекршоците, Предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија, Предлог законот за управни спорови…

Основната цел на Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, кој помина во прво читање, е натамошно негово усогласување со забелешките дадени од страна на Венецијанската комисија  за законите за дисциплинска одговорност и евалуација на судиите од декември 2015 година и со насоките содржани во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор со кој се врши подобрување на текстот на законот.

Со измените се врши ревидирање во делот на организација и надлежност на судовите, се предвидуваат нови поостри критериуми за избор на судија, се врши редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорности се предлага основање на Центар за координирање со  информатичко-комуникациски технологии во правосудството во рамките на Министерството за правда чија основна надлежност е утврдување приоритети, политики и координација на правосудните органи во информатичко – комуникациската технологија.

Со Предлог законот за Судскиот совет на Република Македонија, кој помина во прво читање се предлага се редифинираат условите за избор на судија во повиско суд, се воведува обврска на Судскиот Совет за следење на работата на судот и судијата, се редифинираат квалитативните критериум и наспрема квантитативните и се внесува одредба за одговорност на член на Судскиот совет на Република Македонија во вршењето на неговата функција.

Во владина постапка влегува и Законот за прекршоци, во кој се предвидуваат измени за намалување на висината на казните за правните и физичките лица, со што се воведува разумна казнена политика.

Со предложеното законско решение се предвидува подобрување на ефикасноста на прекршочната постапка, додека изрекувањето на опомена пред да биде изречена глоба се воведува како правило.

Најголема промена се воведува со неколкукратно намалување на висината на глобите преку утврдување на точен распон на висината на прекршочните глоби и усогласување на сите материјални закони во правец на нивно усогласување со предвидената висина на глобите во Законот за прекршоците. Исто така во законот за првпат се прави јасно разграничување помеѓу административните и судските прекршоци.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека Законот за прекршоци е од особен интерес за претставниците на бизнис-заедницата и треба да биде коректив и поттик за деловните субјекти да можат да го коригираат своето работење и да ги исполнуваат сите предвидени законски обврски. Бизнис-заедницата има важна улога во процесот на креирање на законското решение.

Поглавје 23

Со поглавјето 23 што се однесува на правосудството и фундаменталните права во септември 2018 година официјално почна скрининг процесот на Македонија за преговорите со Европската унија.

Во овој дел опфатени се реформите за судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители.

Скринингот ќе трае долго и со него 160 илјади страници европски закони и правила ќе треба да се пренесат во македонското законодавство.

Во оваа последна фаза скринингот се одвива заедно со Албанија, бидејќи двете земји заедно добија условена покана за почеток на преговори во јуни 2018 година. Подоцна се преминува на втората фаза, односно на билатералниот скрининг.