Грчката економија постепено се опоравува, воглавно како резултат на динамиката на извозот и на зајакнувањето на приватната потрошувачка, стои во месечна анализа на грчката Унија на фирми и индустријалци.
Во однос на растот од 2,2 проценти на Бруто домашниот производ во третиот квартал од годината, во анализата се вели дека развојот на економијата се должи главно на порастот на извозот на стоки (за 7,9 проценти) и на услуги (за осум проценти), како и на понатамошно зајакнување на приватната потрошувачка (за 0,7 проценти).
Според анализата, падот на инвестициите во третиот квартал од 2018 година се должи главно на базниот ефект од големиот раст во истото тромесечје во 2017 година, особено во нестанбената изградба (26,1 проценти на вкупните инвестиции во долготрајни активи и 89,4 проценти во нестанбена изградба).
Се нагласува дека мешаната слика на инвестициите се должи во првите девет месеци од годината на промените во увозот на бродови, а особено во третиот квартал – на завршувањето на големи градежни објекти во 2017 година. Истовремено сликата на инвестициите во останатите категории на долготрајни активи е позитивна (домување – раст од 20,8 проценти, земјоделски производи – раст од 5,7 проценти, транспортна опрема – раст од 154,5 проценти, информациска и комуникациска опрема – раст од 16,5 проценти, машини – раст од 18,4 отсто).
Унијата на фирмите и индустријалците нагласува дека економијата се уште не дава знаци дека влегува во период на силен раст, што се одразува на воздржани среднорочни прогнози од страна на меѓународни организации (ЕК, ОЕЦД, ММФ) за раст од околу два проценти во наредните години.
Растечката неизвесност во останатиот свет може да има последици за анемичната обнова на грчката економија. Оваа реалност бара земјата да влезе во посилен и динамичен раст со понатамошно подобрување на бизнис климата, но и со инвестиции, кои создаваат вработување и стабилни приходи, се истакнува во анализата.
Comments are closed for this post.