Пратеникот Зијадин Села на денешното сведочење во Кривичниот суд за настаните од 27 април минатата година рече дека не може да тврди со сигурност дали  одредени претседатели на политички партии знаеле дека ќе се избира претседател на Собранието и дека е можно да дојде до ескалација на ситуацијата но, како што додаде, најверојатно знаеле и биле организатори.

Најверојатно дека некој знаел или претпоставувал. Ама некој знаел и не бил присутен. По логика на нештата за тој важен момент, така излегува. Мислам дека и немаше друга причина одредени претседатели на политички партии да не бидат присутни. Не можам да тврдам со сигурност, ама најверојатно знаеле и најверјатно биле организатори. Не зборувам само за едно име и презиме, туку зборувам за неколку претседатели кои не беа присутни, истакна Села одговарајќи на прашање од обвинетиот Никола Митревски -Кољо.

По сведочењето Села одговарајќи на новинарски прашања околу тоа дали мисли на Али Ахмети и Никола Груевски за „претседателите на партиите кои не биле присутни дента на 27 април“, наведе дека  е симптоматично тоа што министерот за внатрешни работи ништо не знаел, а Ахмети не бил присутен.

Што се однесува на другиот тогашен претседател на партијата што не беше присутен, тоа беше Никола Груевски. Сега тој најверојатно треба да е во целава организација околу настаните од 27 април. Дали има докази-нема докази и по логика на нештата тоа така излегува, рече Села.