Познат е поширокиот список од 28 ракометари од кои Раул Гонзалез ќе селектира за составот со кој Македонија ќе настапи на Светското првенство во Германија, во јануари.
Во составот се враќа Филип Миркуловски, кој беше поштеден за двомечот со Турција и со Грција во ноември, а имаше и повреда. Покрај искусниот плејмејкер, повратник е и неговиот соиграч од Вецлар, Јане Цветковски, како петти голман. Дебитант е само Милан Лазаревски, пивотот на Металург, а покрај него има уште неколку млади ракометари како Томислав Јагуриновски и Мартин Серафимов, кои ќе конкурираат за втор десен бек на Мундијалот, покрај Кире Лазаров, откако Мартин Велковски мораше да се оперира.
Репрезентацијата ќе се собере некаде по 20 декември и тоа не во комплетен состав, со оглед дека традиционално, интернационалците имаат обврски со клубовите до неколку дена пред Нова година. Ќе се тренира во Скопје се до заминувањето за Германија. Првенството почнува на 10 јануари, а Македонија е во група со Шпанија, Хрватска, Исланд, Бахреин и со Јапонија.
Comments are closed for this post.