Силна поддршка за реализација на Договорот од Преспа низ Парламентот и за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија добил премиерот Зоран Заев на денешната средба со пратениците од Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер од ЕПП и Кнут Флекенштајн од ПЕС.
Европските пратеници пренесоа силна поддршка од Европскиот парламент за Договорот од Преспа, којшто е оценет како пример пред се за регионот на Западен Балкан, но и пошироко за цела Европа. Поздравено е лидерството на премиерот Заев во процесот. Пратениците од Европскиот парламент изразија силна поддршка за перспективите на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тие изнесоа очекување дека уставните измени ќе бидат донесени во Парламентот, како и дека Македонија, потоа, Македонија со уште побрзо темпо ќе ги продолжи интеграциите во ЕУ, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Премиерот Заев ги соопштил очекувањата околу гласањето на уставните амандмани, согласно Договорот од Преспа, во Парламентот, како и реформите што се прават во безбедносните служби, правосудството, јавната администрација, очекувањата за реализацијата на реформите за борбата против криминалот и корупцијата, како и во медиумската сфера.
Очекуваме во втора половина на јануари да се изгласаат уставните измени. Низ инклузивност, преку амандманите, и опозицијата се вгради во овој процес, а од денеска се отвора и јавната дебата, по што Владата ќе го достави финалните решенија до Парламентот. Нашите очекувања се дека уставните амандмани ќе добијат широка политичка поддршка во Собранието, со што ќе се овозможи реализација на Договорот од Преспа. Паралелно работиме на реализацијата на реформите во клучните области, што очекуваме да ги заокружиме до март. Поканата за НАТО и можноста за почеток на преговорите со ЕУ е висока мотивација за институциите во реформскиот процес, којшто е потребен за ЕУ, но и за квалитетот на живот на граѓаните на Македонија, истакнал Заев.
Comments are closed for this post.