Од вкупно 34.700 деца што посетуваат градинка само 415 или 1,19 отсто се деца со попреченост, покажа истражувањето на Народниот правобранител за вклученоста на децата во предучилишните установи. А констатирано е дека предучилишното образование не ги нуди потребните услови и можности за прием и оптимален развој на секое дете.
Според истражувањето, некомпетентноста на стручните тимови и отсуството на дефектолози во градинките ја прават потешка работата со децата со попреченост, бидејќи дефектолозите се клучни носители во инклузијата.
Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик Народен правобранител, рече дека годинава истражувањето го направиле во 65 јавни предучилишни установи и дека тоа е финансиски поддржано од Европската Унија и УНИЦЕФ. Седум од анкетираните градинки не одговориле на анкетниот лист, а од оние што одговориле 68 отсто или 39 кажале дека имаат вклучено деца со попреченост.
Најголем дел од овие деца односно 104, се деца со аутизам, веднаш зад нив се децата со интелектуална попреченост (101), а најмалку, односно само седум дечиња се со оштетен вид. Од останатите категории со попреченост, градинките преку анкетниот прашалник пријавиле 70 деца со комбинирани потешкотии, 13 деца со телесна попреченост и 42 деца со оштетување на слухот и говорот од потежок степен, рече Бајрамовска Мустафа.
Бајрамовска истакнува дека дури 44 градинки немаат дефектолог, а 13 немаат стручна служба. Нема унифицирана процедура за следење на напредокот на децата, а 26 градинки немаат индивидуален образовен план.
Истражувањето покажало дека градинките што се изградени на две, па и на повеќе нивоа, немаат лифт, а нивоата се поврзани со скали. Рампите на влезот не се секогаш градени според стандардите, а занималните се проектирани за 20 деца, а во групите има над 30 деца.
Приоритетни потреби кои ги имаат градинките, а што произлегуваат од анкетното истражување меѓу другото се вработување дефектолози, обуки за воспитувачите за работа со деца до попреченост, подобрување на физичката пристапност до објектите, обезбедување пристапни педагошко-дидактички помагала, нагледни средства и технологија, обезбедување повеќе наменски финансиски средства за градинките за задоволување на индивидуалните потреби на децата со попреченост, како и измена на правната рамка.
Comments are closed for this post.