Албанскиот национален авиопревозник „Ер Албанија“ денеска го имаше првиот пробен лет.

Авион од типот „Ербас 319“ полета од меѓународниот аеродром во Тирана кон Истанбул, а првите патници беа најдобрите според успехот студенти и матуранти.

На првиот лет на „Ер Албанија“ присутуваше и албанскиот премиер Еди Рама.

 Изборот први патници да бидат најдобрите студенти и матуранти е поради фактот што тие се светлото лице на другите генерациии. Верувам дека тие ќе имаат среќна нога за авиокомпанијата, рече Рама.

Претходно на инаугурацијата на компанијата Рама најави дека секој од авионите ќе носи име на албански поети. Првиот авион го доби името „Ласгуш“. По еден месец ќе полета авионот „Миѓени“, додека до крајот на годината „Имзот Ноли“, ќе лета на релацијата Тирана-Њујорк.

Рама најави изградба на уште три аеродроми во Албанија и тоа во Кукс, Саранда и Валона.

Албанската авиокомпанија „Ер Албанија“ беше формирана во ноември минатата година со помош на „Туркиш Ерлајнс“, за што голема благодарност Рама упати до шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган и на извршниот директор на турскиот авиопревозник, затоа што, како што рече, и обезбедиле ваква скапоцена помош на Албанија.

Тројца партнери во „Ер Албанија” се „Албконтрол” со 10 проценти, што ја претставува албанската страна, како и „Туркиш ерлајнс“ и „МДН Инвестмент” со 49  односно 41 процент од акциите.

Рама, најави дека ќе се воспостават летови од Тирана до Скопје, Подгорица, Приштина, Сараево, Загреб, Милано и Лондон.