Ѓорчев е сведок предложен од одбраната на обвинетиот Мунир Пепиќ. Неговиот адвокат на почетокот поочи дека од листата на предложени сведоци го повлекува предлогот да биде сослушана Рaдмила Шекеринска-Јанкоска за која, како што посочи, по увидот во нејзината изјава во обвинителството немало ништо што би било од интерес на одбраната.
Одговарајќи на прашање, Ѓорчев рече дека не го познава обвинетиот Мунир Пепиќ, но дека знае дека на 27 април помогнал во евакуација на повредените и во смирување на ситуацијата, која според него, била многу хаотична. Според пратеникот Ѓорчев, Пепиќ му се претставил дека е службено лице и прашал што може да помогне и му посочил заедно да префрлат повеќе луѓе во бифето и во неговата канцеларија.
Посочи дека и други луѓе во судницата помагале.
На третиот кат во канцеларија со изгаснати светла беше Зијадин Села и таму беше господинот од собраниското обезбедување Абдулфета Аљими, кој му имаше дадено прва помош и ни помогна заедно со болничките лица да го однесеме во гаражите, рече Ѓорчев.
Тој се присети дека ги видел како Борис Дамовски и актерот Владо Јовановски ги смируваат луѓето и ситуацијата пред кабинетот на Вељановски.
Знам дека напори за смирување на ситуацијата вложи и собраниското обезбедување. При крајот на вечерта Горан Ѓошевски го чув како вели на луѓе обезбедете ја зградата. Тоа беше при крај на вечерта, кога се уште имаше луѓе по ходници, рече Ѓорчев.
Кажа дека во следните денови имал можност да разговара со Богдан Илиевски и Митко Чавков, кои биле со жалење и неверување за тоа што се случило.
Пред почетокот на неговото сведочење, додека судијката Добрила Кацарска го прашуваше Ѓорчев за личните податоци и ги внесуваше во записник, Ѓорчев, претставувајќи се, рече дека е жител на Скопје, Република Македонија. На ова Кацарска праша дали има некое друго Скопје освен во Република Македонинја. Ѓорчев нагласено возврати Република Македонија додека уште можеме да кажеме.
Кацарска по ова го праша за неговата точна адерса за живеење, по што откако пратеникот ја кажа неговата адреса, повтроно нагласи – Скопје, Република Македонија.
По ова Кацарска возврати:
Да го потсетам господинот Ѓорчев, ова е судница на Основниот суд Скопје 1. Не сте во Собрание, немојте да ни се случи 27 април и овде во судница. Аман ве молам немој да ги зовриете страстите“.
Comments are closed for this post.