За точно една недела во 11 часот во Основниот суд во Охрид почнуваат рочиштата против Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз неговата 26-годишна поранешна девојка. Нема да ја викаме жртва, ниту, пак, нејзиното име и презиме ќе го ставаме во иста реченица со неговото. Зошто тоа е девојка која треба да продолжи да живее со полни гради, без страв и лузни, а не одбележана од она што ѝ го приреди тој, личноста на неделата:
Кристијан Корабоски
Кристијан се дрзна да ја претепа и да ја исфрли од кола девојката со која бил заедно повеќе од една година. За нападот постојат снимки, постојат сведоци. Дали навистина мислел дека е мртва и прашувал како да се ослободи од неа, допрва ќе се види и ќе се докажува.
И да не се докаже, едно е веќе јасно. Кристијан е насилник. А, насилниците се оние чие име и презиме треба да се знаат и чија слика треба да кружи по интеренет. Да се знае точно кои се, за тие да бидат одбиени од друштвото и општеството, за тие да се соочат со изолација, а не обратно – девојката која ја нападнале.
Барем така треба да биде. Но, реалноста тука е поинаква. Не е логична, ни праведна.
Во реалноста, да, јавноста генерално го осуди, остро реагираше, бесна е. Ама, ниедна од тие реакции не помина без некој во коментарите не го посочи прстот кон – НЕА. Сè туку ќе се најдеше по некој коментар со едно „АМА“…
Што таа барала, што таа мислела, што таа носела, што ѝ мрдало…
Зошто тука уште ТАА е виновна.
Како лесно околу ова во коментари се согласуваа оние што обично не можат да се помирисаат. Како лесно Љуљзим и Љупчо најдоа заедничка почва. Соживот во мизогонија.
И сфаќаш колку лесно тука би поминал шеријатот. Зошто на едниве само името шеријат не им се допаѓа, инаку вредностите и мислењето за тоа каде ѝ е местото на една жена некако убаво им легнуваат.
Што има таа да бара, да мисли, да носи, да мрда…
Па, побогу, имаше статус, вирален и доста поддржан статус, во кој се објаснуваше како „недепилираните феминистки“ терале „агенда“ и тие го измислиле фемицидот, оти тој не бил „различен од обично убиство“…
Во мала сенка на ова претепување помина и она во Битола, каде 21-годишна девојка беше давена од 24-годишниот К.У. (не успеав да го најдам целото име и презиме, ама ќе дојде и до тоа, мала е Македонија), кој после избега од полициска станица. Сега е во притвор, но таа долго време помина во шелтер. Наместо таа да живее со полни град, без страв и лузни, таа се криеше во прифатилиште. А, него шест дена му требаа за да го убедат да се врати в полиција.
И сè ова во ист месец со убиството на Билјана.
Зборувајќи за случаите, претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе рече:
Особено мислев дека по смртта на едно дете, ние ќе се освестиме, односно мажите ќе се освестат. Но, по многуте мерки што ги презедовме, се покажа дека не се доволни само нормативните решенија. Дека ние сè уште како да имаме трауматизирани мажи од патријархална политичка култура, дека има недоразбирање какво што е едно нелогично недоразбирање меѓу родители, меѓу луѓе во љубов. Тоа за мене е шокантно, да посакувате некого, за кого тврдите дека го сакате, го почитувате, дека треба физички да го повредите, дека треба со збор да го повредите…
Но, реалноста тука е поинаква. Не е логична, ни праведна. Сè додека по секој напад има по едно „АМА“, сите жени тука ќе живеат со скриен страв – не само од вистинските, туку и од насилниците зад тастатурата.







Comments are closed for this post.