Топлата вода што непрекинато тече од чешмите во срцето на бугарската престолнина е едно од препознатливите обележја на Софија, град кој под своите улици крие едно од своите најзначајни природни богатства – минералните извори.

Сликата пред чешмите е речиси секојдневна. Додека едни брзаат кон своите работни места, други застануваат покрај централните минерални чешми, полнат шишиња или, едноставно, доаѓаат да се напијат од водата, која со децении е дел од секојдневието на жителите на овој град. Некои доаѓаат со неколку големи пластични канистри, други со помали шишиња, а има и такви што од трамвајот слегуваат токму со намера да наполнат вода пред да продолжат понатаму.

За некого тоа е редовна неделна обврска, за друг навика што ја наследиле од семејството, а за трети можност да се освежат во центарот на градот.

„За разни болести е добра“, вели еден од граѓаните, кои редовно доаѓаат да полнат вода. Тој објаснува дека постојано ја користи и упатува на информативната табла поставена покрај чешмите, на која се наведени својствата и намената на минералната вода.

За постарите жители, полнењето вода понекогаш е и физички напор, но навиката е посилна од неудобноста.

– Тешко ми е да ги влечкам тубите, но навикната сум на оваа вода. Доаѓам со трамвај – раскажува една повозрасна жена, која и покрај тежината на канистрите редовно го поминува истиот пат до чешмите.