Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе одржи надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во „АЛТА банка“ АД Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

На надзорната расправа, како што соопшти собраниската прес-служба, се поканети овластени претставници на Владата и органите на државната управа, како и други лица кои можат да дадат информации за прашањето што е предмет на расправата.

На надзорната расправа треба да се разгледаат околностите што довеле до воведување администрација во банката, улогата на Народната банка во постапката, како и одговорноста на надлежните институции.

Во „АЛТА банка“ АД Битола од 1 ноември е воведена привремена администрација, по случувањата со нејзиниот доминантен акционер – „АЛТА банка“ АД Белград, на која ѝ беше одземена дозволата за работа од надлежниот супервизорски орган во Србија, со истовремено донесување одлука за исполнување на условите за поведување стечајна постапка.