Грчкиот премиер Мицотакис на церемонија во Серес ги наведе вратените предмети од Бугарија како што се свети икони и крстови, литургиски одежди и реликвијари, црковни прибори, говорници и резбан владички престол.

Тој тврди дека биле „однесени од бугарските окупаторски трупи во 1917 година, за време на Првата светска војна, од старата митрополитанска црква Свети Теодор и манастирот Свети Јован Крстител во Сер“. „Но, по толку децении, циклусот на ова долго чекање конечно се затвора. И со нив, се враќаат и молитвите, но и надежите што ги носат со себе“, рече грчкиот премиер. Тој истакна дека она што е постигнато е резултат на долги преговори меѓу двете земји.

„Бидејќи навистина ништо не би било постигнато без тивките, но упорни преговори што на крајот доведоа до договор за размена со соседната земја. Врз основа на тоа, во истиот момент кога нашите свети мошти се враќаат во Сер, Атина ја исполнува својата обврска со тоа што ѝ ги предава на Софија останките на цар Самуил, заедно со антрополошкиот материјал од четирите саркофази на Свети Ахил.“