Мирјана Лазарова Трајковска, Наташа Габер Дамјановска, Елена Андреева и Александар Маркоски се четворицата кандидати за директорското место на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Седницата на Управниот одбор на Академијата, на која ќе се избира директор и заменик директор, ќе се одржи во среда, без присуство на јавноста. по завршување на седницата, со писмено соопштение ќе известат за изборот на директор и заменик-директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Деветмината членови на Управниот одбор со двотретинско мнозинство треба да го изберат првиот човек на оваа институција за следните четири години.

На седницата треба да се избере и заменик-директор на Академијата, за кое место е пријавен само еден кандидат. Во досегашното работење на Академијата ова место не беше потполнето.

Кандидатот кој ќе аплицира за позицијата директор и заменик-директор на Академијата треба да има најмалку осум години работен стаж како судија во судовите во Република Македонија, во Уставниот суд на Република Македонија, во меѓународен суд или лице со најмалку осум години работен стаж како јавен обвинител.

Потоа активно да познава еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски), што се докажува со поседување меѓународно признат сертификат издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б2 (В2) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 5-6 поени, ФЦЕ, БЕК В, ИЛЕК, ИКФЕ, БУЛАТС, или АПТИС, или ТЕФЕЛ ПБТ најмалку 500 бода, ТЕФЕЛ ЦБТ најмалку 175 бода или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 60 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаф.

– Во моментот на именувањето со правосилна пресуда да не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција, велат од Академијата.

Мирјана Лазарова Трајковска беше судија во Европскиот суд за човековите права во Стразбур, судија во Уставниот суд на Република Македонија, претседател на Државната изборна комисија, раководител на Секторот за човекови права во Министерството за надворешни работи, како и помошник министер за управни постапки во Министерството за внатрешни работи. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје. Магистрирала и докторирала на Правниот факултет во Љубљана.

Поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска, сега е директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје.

Кандидатката Елена Андреева е професорката на Правниот факултет на Универзитетот на ЈИЕ, а Александар Маркоски е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје.

УО на Академијата го распиша јавниот оглас за директор и заменик директор согласно со условите од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Рокот за пријавување беше 15 дена од денот на објавување на Одлуката за распишување јавен оглас на 22 октомври 2018 година.

Директорската функција од октомври 2006 до октомври годинава ја извршуваше судијката Анета Арнаудовска