Идниот меѓународен поредок нема да се обликува само на боиштата и во дипломатските сали, туку и во лабораториите, училиштата, фабриките, енергетските мрежи и дата-центрите, порача претседателот на Владата од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на ОН, премиерот се осврна на влијанието на вештачката интелигенција, значењето на инфраструктурната и енергетската отпорност, развојот на коридорите 8 и 10, миграцијата и зелената транзиција.

Според него, иднината ќе зависи и од способноста на општествата навреме да ги разберат и да управуваат со промените што ги носи технологијата.

– Вештачката интелигенција повеќе не е тема на иднината. Таа е инфраструктура на сегашноста – нагласи премиерот.

Тој посочи дека светот повторно ја препознава вредноста на отпорноста, сигурното снабдување со енергија, квалитетната инфраструктура, разновидните транспортни правци и блиските и доверливи синџири на снабдување.

Во новите геополитички околности, државите повеќе не се раководат само од тоа каде одреден производ може да се произведе најевтино. Сè поважно станува прашањето кому може да му се верува, дали енергијата ќе биде достапна во време на криза и кој ќе ги поставува правилата за функционирањето на новите технологии.

Во тој контекст, премиерот го издвои интензивниот развој на коридорите 8 и 10 како дел од пошироката европска визија за инфраструктурно и економско поврзување.

Целта е подобро да се поврзат Јадранското, Црното и Егејското Море со Централна Европа и да се обезбедат повеќе и посигурни патишта за движење на стоките, енергијата и луѓето.

Со развојот на овие коридори регионот треба да стане инфраструктурно поврзан и да престане да биде третиран како геополитичка периферија.

– Нашата географија не мора да биде наша судбина. Таа може да стане наша предност – порача претседателот на Владата.

За тоа да се оствари, потребно е да се изградат институции и инфраструктура што ќе ја претворат географската положба на Македонија во вистинска регионална и европска поврзаност.

Премиерот во говорот се осврна и на миграцијата, нагласувајќи дека кон неа мора да се пристапува поинаку и посеопфатно.

Миграцијата започнува во средини во кои нема безбедност, работни места, образование, пристап до вода, перспектива или верба дека утрешниот ден ќе биде подобар од денешниот.

Поради тоа, таа не може да се третира само како прашање на границите и нивната заштита. Одговорната миграциска политика мора да ги поврзе безбедноста, човечкото достоинство и економскиот развој со реалните потреби на пазарите на трудот.

Премиерот повика и на пореален пристап кон климатската политика и зелената транзиција. Како што истакна, зелената транзиција е неопходна, но начинот на кој ќе биде спроведена ќе ја одреди и нејзината успешност.

Ако транзицијата стане социјално неодржлива и трошоците паднат врз граѓаните што најтешко можат да ги поднесат, ќе се изгуби политичката и јавната поддршка потребна за нејзиното спроведување.

Ако новите зелени технологии зависат само од мал број извори, светот може да создаде нови зависности и безбедносни предизвици додека се обидува да ги реши старите.

Не е праведно ниту од посиромашните држави да се бара да се движат со исто темпо како најразвиените земји ако немаат еднаков пристап до капитал, технологии и знаење. Во таков случај, предупреди премиерот, наместо праведна транзиција ќе се создадат нови нееднаквости.

Затоа идната климатска политика мора истовремено да биде еколошка, економска и социјална.

Премиерот предупреди дека светот не смее да чека технологијата да создаде нови нееднаквости за дури потоа да воспоставува правила. Неопходно е навремено дејствување со кое придобивките од технолошкиот напредок ќе бидат пошироко достапни, а технологијата ќе му служи на човештвото.

Според него, иднината ќе зависи од способноста на државите да ги поврзат технолошкиот развој, енергетската сигурност, инфраструктурата, економската конкурентност, социјалната правда и заштитата на животната средин