Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во вчерашното гостување во емисијата „Вести плус“ на телевизијата „Канал 5“ официјално најави дека во октомври ќе биде промовирана новата мобилна апликација „М.услуги“.
– Можам официјално да најавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација „М.услуги“. Во неа ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните – истакна Андоновски.
Преку „М.услуги“, се наведува во соопштението на Министерството за дигитална транформација, граѓаните на едно место ќе може да пристапуваат до личните документи во дигитална форма, како и до електронските услуги на администрацијата. Целта е државните услуги да станат подостапни и поедноставни за користење, директно преку мобилен телефон.

Министерот посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на прашањата поврзани со кибербезбедноста, заштитата и начинот на чување на личните податоци, како и нивната размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
– Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме пред таа да биде достапна за сите да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење. Апликацијата ќе биде достапна на App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презедоа речиси 6.000 граѓани – рече Андоновски.
Следниот чекор во дигиталната трансформација, се додава во соопштението, е мобилниот телефон постепено да стане дигитален паричник преку кој граѓаните безбедно и едноставно ќе пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.







Comments are closed for this post.