Денес не сме собрани само да одбележиме уште еден празник во календарот на нашата држава. Денес сме собрани да го одбележиме споменот за времето кое не се мери со години, туку со идеали, жртви, соништа и луѓе кои знаеле дека има мигови во историјата кога човекот повеќе не живее само за себе, туку за својот народ, за својата татковина и за генерациите што допрва ќе дојдат, истакна премиерот Мицкоски во говорот на Пелнице.
Историјата не бара од нас да ги повторуваме чекорите на илинденците и асномците, туку да ја покажеме истата храброст што тие ја покажаа. Секоја генерација има свој Илинден. Некои се бореле за слобода, некои за држава, а нашата генерација има задача да ја зачува Македонија силна, праведна и просперитетна, држава во која младите ќе веруваат дека вреди да останат, да создаваат, да основаат семејства и да ја градат својата иднина токму овде. Минатото не смее да биде место каде што ќе се засолнуваме, туку темел од кој ќе ја црпиме силата за иднината. Народ што ја почитува својата историја и храбро ја создава својата иднина не може да биде запрен.
Македонија никогаш не победувала кога била поделена. Победувала кога знаела да се обедини околу голема цел. Така било во Крушево, така било на АСНОМ, така мора да биде и денес. Затоа што има нешто што е поголемо од секоја партија, од секоја функција и од секој мандат, тоа е Македонија. Нашата борба денес не е борба против некого, туку борба за нешто: за држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците, законот посилен од привилегијата, знаењето поважно од партиската книшка, а успехот резултат на труд, а не на врски. За држава во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека иднината на неговото дете е токму овде, во Македонија.
И кога по многу години некој ќе праша што нè водело во овие времиња, сакам одговорот да биде едноставен: не нè водеше стравот, не нè водеше омразата, не нè водеше желбата да бидеме поголеми од другите. Нè водеше љубовта кон Македонија, чувството на должност кон оние што ја создадоа оваа држава и одговорноста кон оние што ќе ја наследат. Затоа да останеме исправени кога е најтешко, обединети кога ќе се обидуваат да нè поделат, достоинствени кога ќе сакаат да нè понижат и непокорни кога ќе сакаат да нè поколебаат. Никогаш да не отстапиме од идеалите на Илинден и АСНОМ, затоа што тие не се само дел од нашето минато, туку темелот врз кој ја градиме иднината на Македонија. Нека живее вечниот дух на Илинден. Нека живее државотворната мисла на АСНОМ. Нека живее нашата единствена татковина Македонија.
https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2FMickoskiHristijan%2Fposts%2Fpfbid0R6Pd1EaQRno289H3qeZeZxeyo3Ux8GMmastyBHeZWDv5yJoPrHWFwfnzu9dukZ7Fl&show_text=true&width=500







Comments are closed for this post.