Реформи во пензискиот фонд се неопходни, но се уште не е дефинирано во која насока тие би се движеле. Една од опциите, која предизвика вознемиреност кај вработените, кои се идни пензионери, е укинување на вториот пензиски фонд кој покажува слабости. Причините поради кои воопшто се размислува за реформа е тоа што што првите пензионери кои оваа година почнале да земаат пензија по системот на двата пензиски фонда, примаат пониски пензии споредено со граѓаните кои биле осигурени само во едниот, државниот фонд за ПИОМ.

Ефектите од функсционирањето на пензискиот систем, покажале дека кога се вовел вториот приватен задолжителен фонд во 2006 година, проекциите биле дека средствата на идните пензионери ќе се оплодуваат по повисоки стапки, а во пракса тоа не се случило.Според некои информации кај некои случаи разликата изнесува околу 10–20 отсто, пониска пензија. Кај одредени лица била поголема разликата, а кај некои помала, во зависност од осигуреник до осигуреник. Во секој случај се работи за категорија граѓани на кои секој денар им значи, поради што ваквите разлики и тоа како ја наметнуваат потребата од менување на моделот на пензиско осигурување.Поради овие причини, а во интерес на пензинерите владата има нарачано анализи кои се изготуваат независно една од друга, а од чии резултати ќе зависи дали и каква реформа ќе се направи во пензинскиот систем.

Во моментов се спроведуваат анализи со учество на домашни и меѓународни експерти, чија цел е да обезбедат целосна и објективна слика за состојбите во пензискиот систем. Најпрво треба да ги утврдиме сите факти а потоа да ги разгледаме сите можни сценарија.
Очекуваме анализите да бидат завршени во наредниот период, по што нивните наоди ќе бидат внимателно разгледани од надлежните институции. Дури врз основа на тие стручни препораки ќе се утврди дали се потребни одредени реформи и во кој правец тие би се движеле.
Наш приоритет е секоја евентуална промена да биде заснована на аргументи, со единствена цел – обезбедување одржлив, стабилен и праведен пензиски систем кој ќе ги штити интересите на сегашните и идните пензионери – вели за „Република“, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Околу 150 лица кои се пензионирале годинава, како први од воведувањето на оваа мерка, примиле пониски пензии, од оние кои биле осигурнеи само во ПИОМ. Причината била тоа што недоволно им се оплодиле средствата во вториот пензиски фонд, за да имаат добри пензии.

Министерот Велковски не сакаше да прецизира за колку е пониска пензијата на осигурениците кои примаат средства од двата фонда.

Изнесувањето на поединечни бројки, преку нивно генерализирање, пред да завршат анализите може да даде не точни заклучоци. Првите исплати од вториот столб ни даваат важни сознанија, кои се иницијатива за започнат процес на детална анализа за да се утврди кои се реалните ефекти врз различни категории осигуреници.
Пензијата зависи од повеќе фактори – должината на работниот стаж, висината на придонесите, периодот на штедење, приносите од инвестициите и повеќе други параметри. Затоа не постои една единствена бројка која би можела да ја претстави состојбата за сите осигуреници.
По завршувањето на анализите, институциите транспарентно ќе ги презентираат резултатите и ќе покажат какви се ефектите врз пензиите, врз основа на реални податоци, а не на претпоставки. Токму тие сознанија ќе бидат основа за евентуални идни реформи – нагласува Велковски.

Засега не може да се лоцираат причините за неисполнетите очекувања од вториот пензиски фонд во однос на приносите.

Треба да се има предвид дека вториот пензиски столб функционира во услови кои значително се променија во однос на времето кога беше воведен. Повеќе фактори влијаат врз резултатите на вториот столб – Демографските трендови, стареењето на населението, односот меѓу бројот на вработени и пензионери, економските движења, приносите од инвестициите и состојбите на финансиските пазари имаа директно влијание врз неговите резултати.
Анализите треба да покажат дали и во кој сегмент постои потреба од подобрување.

Дополнително, вистинската слика за функционирањето на ваков систем може да се согледа дури кога започнува исплатата на пензиите.
Дотогаш многу од проценките се темелеа на проекции и модели, додека денес веќе располагаме со конкретни податоци врз основа на кои може да се носат информирани одлуки.
Доколку се утврди дека се потребни измени во законската рамка, во регулативата или во механизмите на надзор, тие ќе бидат предложени врз основа на стручни препораки и во консултација со сите релевантни институции и експерти. Целта е да се обезбеди пензиски систем кој ќе биде поодржлив, поефикасен и ќе обезбеди поголема сигурност за осигурениците – вели министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Темата за потенцијална реформа на пензискиот систем веќе ја споменуваа и гуверненерот на Народната Банка и премиерот. Христијан Мицкоски, Премиерот кажа дека најголем дел од новите пензионери, нема да бидат задоволни со она што ќе го видат на сметката. Една од идеите на маса е идните пензионери прво целосно да ја искористат заштедата од вториот фонд, па би преминале со пензиите во ПИОМ. Трајко Славески, пак, кажа дека 80% од осигурениците во вториот столб ќе немааат ниту минимална пензија.

Автор: Александрија С. Николовска