Да се зголеми присуството на германски компании во Македонија потребно е  постоење  на квалификуван кадар. Ова  било оценето  на средбата меѓу  претставници од германските стопански комори и министерот за финансии Драган Тевдовски

Токму со цел да се излезе во пресрет на потребите на пазарот на трудот, во Македонија почна да се спроведува дуалното образование. Германската Влада со двајца експерти ќе го поддржи развојот на професионалното образование во земјава. Дополнително во Буџетот за 2019 година се предвидени највисоки средства за активните мерки за вработување. Преку оваа програма на краток рок ќе се реши проблемот со поврзувањето на понудата и побарувачката за кадар на пазарот на трудот. Во Буџетот за следната година, поддршката за приватниот сектор бележи раст од 37 отсто, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Со претставници на германски компании средба остварија и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев заедно со директорот на Дирекцијата на ТИР зоните Александар Младеновски. Заев истакна дека во земјава работат голем број германски компании што веќе најавуваат нови инвестиции и проширување на бизнисите.

Заедничкиот мешовит управувачки комитет со Сојузна Република Германија чиј прв состанок ќе се одржи утре, очекувам да оствари големи резултати во насока на имплементација на стратегија за дуално образование која ќе даде позитивни ефекти за преквалификација на работоспособното население и негово апсорбирање на пазарот на трудот, соопшти премиерот Заев.

Во 2017 година во Германија извезени се стоки во вредност од 2 351,0 милион евра, што претставува највисок остварен извоз од 2008 година наваму и раст од 15,1 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари – септември 2018 година, пак извозот во Германија изнесува 1.951,6 милиони евра. Ова е раст од 13,5 отсто во однос на истиот период минатата година. Во 2017 година од Германија увезени се стоки во вредност од 803,7 милиони евра, што претставува раст од 6,6 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари – септември 2018 година увозот од Германија изнесува 643,6 милиони евра, што претставува раст од 11,6 отсто во однос на истиот период минатата година. Германија е најзначаен трговски партнер на Република Македонија. Во структурата на вкупната надворешно – трговска размена на нашата земја. Размената со Германија во првите девет месеци од 2018 година изнесува 26,6 отсто и се карактеризира со трговски суфицит.