Слободан Костовски кој  е осуден на долгогодишна затворска казна за шверц на две тони дрога бил водач на еден од ограноците на таканаречениот „Балкански картел“. Во моментот на апсењето, по него била распишана црвена потерница од Интерпол, бидејќи во 2018 година побегнал од затвор во Бразил, каде што издржувал деветнаесетгодишна казна, исто така за прекуокеански шверц на кокаин.

Тој го искористил одобреното отсуство од затвор поради лекување за да побегне. Костовски по потекло е Македонец, близок пријател со убиениот Жељко Ражнатовиќ Аркан  со кој учествувал во филмски грабеж и бегство. По апсењето во Холандија, трочлената банда ограбувачи завршила во затвор во таа земја. Поради грабеж на банка во Амстердам и грабеж во Хаг, Аркан бил осуден на седум години затвор.

Сепак, според холандските медиуми, само една година подоцна, „нефатливиот Србин“ – како што го нарекувале Аркан – побегнал од затворот на филмски начин. Тој извел бегство како во холивудските филмови: пријателите Костовски и Фабијани наводно му фрлиле пиштол, по што тој прескокнал преку ѕидот.