– Енергетската независност останува еден од највисоките стратешки цели на Владата, порачува Министерството за енергетика по повод 10 Јули – Меѓународниот ден на енергетската независност.

Оттаму посочуваат дека во изминатиот период се преземени конкретни чекори за енергетски независна држава која ќе произведува повеќе домашна, чиста и достапна енергија, забрзување на инвестициите во обновливи извори, модернизација на енергетската инфраструктура и диверзификација на изворите и правците за снабдување со енергенси.

– Резултатите веќе се видливи. Според најновите податоци на АД ЕСМ, производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, додека производството од ветерните електрани бележи раст од околу 10 проценти. Истовремено, исполнетоста на акумулациите достигнува околу 80 проценти, што претставува значајна резерва за стабилно и сигурно снабдување во периодите на зголемена потрошувачка. Паралелно, се реализираат и нови инвестиции во производствени капацитети. Интензивно се гради втората фаза од ветерниот парк Богданци, кој следната година ќе достигне инсталиран капацитет од 50 MW, а започнуваат и активностите за изградба на фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, додека подготовките за Битола 2 и Битола 3 се во напредна фаза, нагласуваат од Мнистерството за енергетика.

Истакнуваат дека интензивно се реализира и проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас, а  во тек се подготовките и за реализација на гасниот интерконектор со Србија.

– Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, да произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и ги отвораме новите енергетски коридори што ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална сигурност, стабилност и развој. Нашата амбиција не е само да ги задоволуваме домашните потреби, туку Македонија да стане и нето извозник на електрична енергија – нагласува министерката за енергетика Сања Божиновска.

Последните глобални енергетски кризи, велат од ресорното Министерство, потврдија дека државите кои инвестираат во сопствено производство и во диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни и поуспешно ги штитат интересите на граѓаните и економијата.

– Токму затоа Министерството останува цврсто посветено на создавање на сигурен, модерен и одржлив енергетски систем – затоа што силна енергетика значи силна држава, се наведува во соопштението од Министерството за енергетика по повод Меѓународниот ден на енергетската независност.