Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да прифати уставни измени без јасни гаранции за европската перспектива на државата, нагласувајќи дека Македонија нема да влезе во процес чиј исход е неизвесен.

Осврнувајќи се на вчерашната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и пораките дека уставните измени се неопходен услов за почеток на преговорите со Европската Унија, Мицкоски истакна дека меѓу нив постои коректен и искрен однос, но и несогласувања по одредени прашања.

„Нашиот став е јасен и непроменет. Не постои цена која може да нѐ натера да влеземе во процес без да знаеме дека на крајот ќе има извесен резултат. Нема цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура без јасна перспектива“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека во изминатите 26 години на Македонија повеќепати ѝ биле давани ветувања дека со исполнување на одредени услови ќе следи напредок во евроинтегративниот процес, но дека државата и денес се наоѓа пред истите предизвици.

Според премиерот, информациите што ги добил од средбата меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија покажуваат дека позициите на официјална Софија дополнително се заоструваат.

„Од информациите што ги имам, состојбата таму драматично се радикализира. Не само што ова не е единствениот услов за продолжување на европскиот пат, туку се отвораат и дополнителни прашања“, рече Мицкоски.

Во своето обраќање тој ја обвини опозицијата дека со своите политики придонесува за слабеење на македонските позиции во однос на националните прашања, оценувајќи дека нејзиното дејствување им оди во прилог на барањата што доаѓаат однадвор.

Премиерот упати повик до граѓаните и политичките чинители за единство околу, како што рече, државните и националните интереси.

„Колку повеќе сме заедно и обединети, толку сме посилни и дома и надвор. Потребно е единство кога станува збор за клучните прашања за иднината на државата“, истакна тој.

Мицкоски порача дека Владата е подготвена за долг процес во кој, според него, ќе бидат потребни трпение, стратегија и јасна визија.

„Ова не е спринт, ова е маратон. Потребни се план, стратегија и мудрост. Овие битки не се добиваат со брзање и под притисок, туку со аргументи, факти и истрајност“, нагласи премиерот.