Европскиот суд за човекови права има судска пракса во врска со случаи во кои политичар против кого се водат постапки во националните судови или против кого веќе има постапка во земјата, побарал азил во друга европска земја. Но, тоа не се случаи во кои тој или таа добил азил, туку напротив, пред Стразбур пристигаат предмети кога државата во која побарал азил го одбила барањето и тој се соочува со постапка на протерување или екстрадиција во земјата на потекло или во првата земја на прифат во земја членка на ЕУ.
Ова во интервју за Пресинг Тв го вели г-ѓа Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур и екс-претседателка на Државната изборна комисија.
Како примери г-ѓа Лазарова Трајковска ги наведува, како што вели, предметот на Чахал против Обединетото Кралство, М.С.С против Белгија и Грција, Таракхел против Швајцарија и други. Меѓутоа, целиот случај со екс-премиерот Никола Груевски, од аспект на Судот во Стразбур, е сосема поинаков.
Во овој случај, г-динот Груевски во една брза постапка добил азил и во овој дел од постапката, предмет сигурно нема да има во Стразбур. Но, овде се вклучуваат други механизми и други меѓународни документи. Меѓу другото, се поставува и прашањето на добрите билатерални односи меѓу двете земји од кои едната членка на ЕУ, а другата со кандидатски статус и во постојано докажување дека има правен систем кој почива на европски стандарди. Покрај тоа, доделениот азил не ја исклучува постапката за екстрадиција, особено кога страната која определила азилантски статус во имe на меѓусебното уважување воопшто не се обратила до првата страна, не ги проверила наводите од постапката за азил и не побарала гаранции од првата страна во врска со постапувањето на барателот на азил, нагласува г-ѓа Лазарова Трајковска.
*Дали се повредени неговите права при судењето, како што тврдат неговите адвокати и како што беше наведено во одлуката на Државната комисија за заштита од дискриминација?
Јас немам директен увид во целиот тек на постапката и сите информации што ги имам се добиени од средствата за информирање и делумно од некои од извештаите на меѓународните и невладините организации, што ги следат овие судења. Но, одбраната ги има на располагање сите правни механизми да бара заштита на обвинетиот. Во врска со предметот „Тенк“ за кој има правосилна пресуда, ако сметаат дека има повреда на процедуралните или суштинските аспекти на постапката, адвокатите имаат право во рок од шест месеци по правосилноста на пресудата да поднесат жалба пред Европскиот суд. При тоа, ако не ги обжалувале наводните процедурални повреди пред националните судови тие нема да имаат успешен предмет, бидејќи за Судот во Стразбур, принципот на супсидијарност се повеќе добива на значење и на тежина.
Судот во Стразбур го цени правичното судење во целина и секој жалбен навод поединечно. Во однос на останатите четири постапки, кои се во тек, секоја наводна повреда мора да се обжалува во текот на постапката пред националните судови. Што се однесува до Државната комисија за заштита од дискриминација, Комисијата има донесено мислење, а не одлука. Без да ја коментирам содржината на ова мислење би укажала дека тоа нема директно влијание на судските постапки.
*Каде ја лоцирате одговорноста за бегството на Груевски? Зашто, институциите си ја префрлаат топката едни на други.
Останавме без објективни информации во кој момент институциите не си ја завршија работата. Прво во однос на напуштањето на територијата на Република Македонија и, второ во однос на лансирањето на потерницата. Одговорноста и за двете мора да биде утврдена и лоцирана точно во конкретни лица, кои не си ја завршиле работата за која се платени. Не е целата институција вклучена во еден конкретен предмет, туку конкретни извршители и тоа не е воопшто тешко да се лоцира. Дотолку повеќе што деновиве слушаме коментари и се потсетуваме на бројни предмети кога политичари на кои им се заканувало извршување на одредена правосилна пресуда спас побарале во некоја, досега најчесто соседна земја. Во Македонија, покрај неказнивоста и неодговорноста за неизвршување на работните задачи и обврски, со години се негува култура на неотчетност, која, за жал, повторно е видлива во целата нејзина појавност.
*Зошто во соседните Србија и Албанија, според реакциите на претседателот Вучиќ и екс-премиерот Сали Бериша, за ист случај немало никаква судска постапка, ниту кривична, ниту политичка одговорност, а паѓа в очи и големата разлика во изречените казни. Груевски беше осуден на две години, а екс-министерката Јанкуловска и шефот за набавки Поповски на по шест години. На што, според Вас, се должи оваа диспропорција?
Ниту едната, ниту другата земја не се соодветен пример токму поради тоа што немаат споредлив случај во кој воопшто покренале постапка за одговорност или, пак, отчетност на политичар или друг носител на јавна функција. Затоа, секоја споредба од тој тип не е коректна. Покрај тоа, постои разлика во внатрешниот поредок на земјите во однос на тоа како е уредена кривичната материја.
Во нашиот случај многу јавни критики беа упатени од бранителите на осудените кон судечкиот суд не во врска со тоа што е покрената постапка, туку во врска со процедурални аспекти и, како што спомнувате и Вие, особено во однос на разликата во висината на казната. По правосилно завршена постапка, откако сите овие прашања биле покренати пред националните судови, местото на оспорување на овие аспекти е Европскиот суд во Стразбур и се што ќе биде кажано надвор од таа постапка е само дел од политичка, а не правна реторика.
Судиите треба да дадат одговор за помилувањето на Иванов
*Адвокатите на Груевски укажуваат дека кај нас не игра улога аболицијата од претседателот Иванов, а таа беше решавачка за неекстрадирањето на двајцата бегалци во Грција. Дали треба и зошто тоа не се зема предвид од нашите судови?
Ова се прашања за судиите, кои одлучуват по конкретните барања на адвокатите. Јас не знам како точно се формулирани тие барања. Како и да е, надлежните судии се повикани да дадат одговор на прашањето во врска со правниот карактер и правосилноста на помилувањето за кое станува збор. Во изминатите години, многумина инсистираа дека одлуката на Претседателот била акт на аболицирани или помилувани. Ако така ја прифаќаат таа постапка, ќе мора да прифатат и дека помилувањето е неотповиклив еднократен акт на милост за поименично определени лица и дека постапката се завршува со него.
Спротивно од нив, јас јавно се произнесов и искажав став дека за мене тоа не беше постапка на помилување, туку на амнестија. На тој начин, Претседателот навлезе во надлежноста на законодавната власт и врз таа основа може да се спори законитоста и уставноста на неговата одлука. Ова мое мислење јас го поткрепувам со фактот дека Претседателот донесе одлука за општ прекин на сите постапки кон одредени политичари, нивните соработници или поддржувачи. Тој објави дека никој не бил информиран за оваа одлука и дека тоа била исклучиво негова иницијатива и при тоа во своето обраќање се користеше со употреба на терминот амнестија. Врз основа на овој општ прекин на постапките, следеа поединечни акти во кои повторно, спротивно на Законот за помилување, недостасува индивидуализираноста во пристапот, што е спротивно на Законот за помилување. Колективно помилување на само една категорија на лица, во случајот политичарите и нивните соработници, не е својствена ниту на монархиите, а камо ли во услови на парламентарна демократија.
Comments are closed for this post.